Во врска со актуелната состојба во македонската кошарка и „судирот“ меѓу федерацијата и клубовите со соопштение се обрати Здружението на кошаркарски играчи кое застана зад ставовите на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).
Во целост го пренесуваме соопштението на Здружението на играчи:
-Здружението на кошаркарски играчи како еден од најзасегнатите субјекти во однос на последните случувања во МАК кошарката и понудените промени од страна на МКФ преку ова соопштение го дава својот став.
Здружението на играчи во овој момент апсолутно се сложува со понудените промени во однос на таксите за лиценците на странските играчи и воедно како предлог нуди и лиценците за странските тренери да бидат зголемени право пропорционално со странските играчи.
Домашните играчите се во незавидна положба откако не беше прифатен предлогот да има нужно 2(два) домашни играчи на терен, а бројот на странците да остане ист 6(шест)што воедно беше и компромис од страна на играчите откако нивниот предлог да има нужно 2(два) домашни играчи на терен, а странските играчи да бидат намалени на 4(четири).
По завршувањето на собранието на МКФ ова лето беше договорено билатерално да се направи работна група од страна на претставници на Здружението на прволигаши и Здружението на кошаркарски играчи под медијаторство на МКФ за да се најде компромисно решение по ова круцијално прашање. Иако Здружението на прволигаши изјави подготвеност и желба за наоѓање на решение, таква работна група никогаш не беше основана, за подоцна кога на дописното собрание беше даден предлогот со промени во Регистрациониот правилник тој да биде промптно одбиен.
Во овој момент кошаркарските играчи апелираат до клубовите да застанат зад Македонската кошарка, да ги прифатат последните предлог промени и да придонесат спортот кој имал најголем успех на репрезентативно ниво да не згасне, а верувајте нашата кошарка оди во таа насока.
За крај, на главните протагонисти во улогата за уназадување на Македонските кошаркари и Македонската кошарка им порачуваме дека тимовите со јадра од странски играчи кои во моментов не претставуваат во Европски и регионални лиги имаат скор 0-12!? Зарем Македонските играчи немаше да имаат подобар или ист скор со овој? Ова е реторичко прашање, се разбира…
Гледајте подалеку, Македонија има квалитет, се вели во денешното јавно обраќање на Здружението на кошаркари од Македонија.