Јакнење на општинските совети за вршење надзор и претставување на интересите и потребите на граѓаните преку зголемена отчетност на општинските власти и ефективноста во адресирањето на потребите на граѓаните има за цел проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“.
Проектот ќе трае четири години од октомври 2016 до јуни 2020 и го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации.
Швајцарската амбасадорка во Македонија Сибил Сутер Тајада на денешната конференција во Маврово за означувањето на почеток на проектот истакна дека со поддршката на овој проект се дава поддршка на процесот на децентрализација во Македонија.
– Проектот има за цел јакнење на општинските совети особено нивната надзорна улога врз работата на општинската администрација, рече Сутер Тајада.
Министерката за локална самоуправа Ширет Елези посочи дека станува збор за многу важен проект во процесот на децентрализација за јакнење на капацитетите на општинските совети.
– Целта на проектот е јакнење на свеста за значењето на советите во носењето на одлуките од страна на градоначалниците, особено во областа на буџетското планирање, рече Елези.
Претставникот на УНДП Лујза Винтон нагласи дека УНДП веќе 20 години го поддржува процесот на децентрализација и локалните власти во Македонија.
– Една од карактеристиките на македонската локална самоуправа е што градоначалниците се многу силни и често имаат силен карактер. Целта на овој проект е да се обезбеди знаење и средства на членовите на општинските совети да станат силен фактор и еднакво јаки во грижата за интересите на граѓаните, рече Винтон.
Проектните активности се групирани во три компоненти, за воспоставување на добри практики, за партиципативно програмирање и буџетирање, и за вмрежување на советниците. Со обуките ќе бидат опфатени претставници од сите општини во Македонија.
На денешната конференција беше промовирана и проектна веб-страница, платформа за е-учење и контролна е-табла со индикатори за финансиско работење на општините, и беше искористена за воспоставување на мрежа на општински советници во рамки на ЗЕЛС. Во првата фаза на проектот се опфатени 24 општини со обуки и финансиска поддршка.