Спроведување обука на изборната администрација преку видео-прирачник и онлајн тестови предвидува меѓу другото Меморандумот за соработка меѓу Државната изборна комисија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Меморандумот денеска го потпишаа претседателот на ДИК, Александар Чичаковски и шефицата на Мисијата на ОБСЕ, Нина Суомалаинен.
– Со потпишување на Меморандумот ОБСЕ Мисијата во Скопје ни дава целосна поддршка при изготвување на видео-прирачник за едукација на избирачките одбори и на он-лајн тестови – посебна апликација за евалуација на компетенциите на секој член на избирачките одбори. Заедничката цел е преку интензивна и добро структурирана едукација на изборната администрација да се зголемат знаењата, вештините и професионалните стандарди на изборната администрација при спроведување на изборите и на тој начин да се адресиира дел од претходно идентификуваните проблеми на ДИК, меѓутоа на тој начин би ги адресирале и дел од препораките нотирани визвештаите за набљудување на претходните избори, истакна Чичаковски изразувајќи благодарност за помошта и соработката на ОБСЕ за претстојните избори.
Амбасадорката Суомалаинен, истакна дека станува збор за продолжување на силното партнество помеѓу Мисијата на ОБСЕ и ДИК за спроведување на изборните процеси, кое ќе биде значајно за понатамошно зајакнување на нивните капацитети, особено во делот на обуката.
– Една работа која може исто така да ја помогнеме е регистрацијата на преостанатите граѓани за да бидат во можност да гласаат на претстојните избори, рече Суомалаинен.
Цел на Меморандум за соработка меѓу ДИК и Мисијата на ОБСЕ во Скопје е спроведување на заеднички активности во 2016 и 2017 година кои ќе придонесат за понатамошно подобрување на изборниот процес и подобрување на оперативните капацитети на ДИК. Покрај продуцирањето на образовно видео за поддршка на обуките на избирачките одбори и на онлајн модул за обука, ОБСЕ ќе ја поддржи работата на ДИК преку функционална анализа на активностите и ќе помогне при подготовката на извештај со препораки.