Ал Џезира – Доха
Некогашните најопасните криминалци во Хонг Конг сега се обидуваат да живеат мирно. Нова изложба им помага на поранешните престапници да свртат нов лист. Тоа е дел од кампањата чија цел е да им се помогне на поранешните криминалци да се реинтегрираат во општеството.
Вонг Тинг-хин порано бил еден од најопасните водачи на Тријадата во Хонг Конг, но вели дека животот со криминал го оставил зад себе.
– Порано мислев само на пари и слава. Се што направив беше за своја корист, статус и моќ. Сега тие работи повеќе не ме интересираат, вели тој.
Поранешниот шеф на криминалната организација признава дека уживал во кршење на законот. Водел банда со над 200 членови кои ограбувале продавници со накит и аптеки, а имал и илегални бордели.
– Бев преплашен секогаш кога правев злосторство, бидејќи можев да бидам уапсен во секој момент. Кога ќе нанесете зло на многу луѓе, почнувате да се плашите за својата безбедност. Можев да бидам убиен во секој момент, додава тој.
Сега е невработен. Живее во изнајмен стан и преживува од социјална помош. Исто така е дел од фотографската изложба наречена „Признание”, која поранешните криминалци ги претставува во похумано светло.
– Мораме да ги отстраниме предрасудите и да ја согледаме моментната состојба. Тие се променија, не треба да се осврнуваме на тоа што го правеле пред 10 години, смета Ени Лин од организацијата Здружение за заедницата.
Поранешните криминалци споделиле интимни детали за времето поминато зад решетки, но и за напорите повторно да ги изградат своите животи и да бидат прифатени во општеството.
– Никогаш не се откажувајте и со сите сили обидете се да најдете излез, порачува поранешниот затвореник Рејмонд Ченг.
Сара Кларк, новинарка на Ал Џезира, од Хонг Конг јавува дека целта на изложбата е на посетителите да им ги покаже предизвиците со кои се соочуваат поранешните затвореници.
– Организаторите сакаат Владата да ги промени законите против дискриминацијата и со тоа да обезбеди заштита на затворениците кои се обидуваат да се интегрираат во општеството, додава Лин.
Тоа вклучува укинување на обврските идните работодавци да имаат увид во кривичната евиденција. – Моментално имаме повеќе закони кои ја регулираат заштитата по расни, полови и други основи. Бараме Владата да донесе закон кој ќе ги штити поранешните затвореници, вели Лин.
Поранешниот затвореник Ченг истакнува: „Ако работодавците знаат дека сте биле во затвор, сигурно нема да ве вработат”.
Тој бил во затвор 20 пати и сега е советник во рехабилитациска клиника. Вели дека е еден од тие кои добиле втора шанса за нормален живот.