Засилена оскаровска кампања му претстои на филмот „Трето полувреме“ во декември и јануари во САД, во трката за влез на листата од пет номинирани филмови за Оскар од неанглиско говорно подрачје за што конкурираат 71 филм.
Филмот на Дарко Митревски на 4-ти месецов во Беверли Хилс беше прикажан за дистрибутери и филмски професионалци на Американскиот филмски маркет, а ќе има уште три презентации на западниот брег на САД. Во сабота филмот ќе биде прикажан за членови на Американската филмска академија, која одлучува за номинациите, а на 6 декември е официјалната проекција во организација на самата Академија. На 12 декември „Трето полувреме“ ќе има и свечено прикажување во Музејот на толеранција под покровителство на Центарот „Симон Визентал“ во Лос Анџелес.
Митревски на прес-конференција денеска соопшти дека филмот ќе биде прикажан и во Чикаго, на 2 декември, и на 16-ти во Њујорк – во центарот „Линколн“ – првпат и за поширока публика која ќе биде анкетирана и, според режисерот, ќе биде тест како американскиот гледач го доживува овој филм. Во јануари ќе биде и на филсмкиот фестивал Палм Спрингс, Калифорнија, и на Џуиш филм фестивал во Мајами (Miami Jewish Film Festival).
За оскаровската кампања, „Трето полувреме“ од Владата и Филмскиот фонд на РМ добил 150.000 евра, со кои ќе бидат платени и реклами во најпознатите филмски списанија, како Варајати, Холивуд рипортер, Енвелоп на Лос Анџелес Тајмс, Џуиш џурнал (Variety, The Hollywood Reporter, The Envelope-Los Angeles Times, Jewish Journal). Ќе бидат организирани и два гала-настана на кои покрај „Трето полувреме“ ќе биде промовирана и Македонија како туристичка дестинација.
Американската филмска академија на 3 јануари ќе објави листа од девет филма (од пристигнатите 71) од неанглиско подрачје, а потоа со повторно гласање ќе биде соопштена конечната листа со петте номинирани за Оскар во таа категорија.
– Кога ме прашуваат какви се очекувањата, ние не спаѓаме во фаворитите, но според она што се пишува за нас може да се случи да бидеме изненадување. Уште има да се трча во оваа крајно неизвесна трка. Засега ние сме оптимистични зашто во таа трка до каде и да истрчате сте во ќар, зашто и да не стигнете до листата, стигнувате до промоција на филмот пред елитна публика, ги зголемувате шансите за продажба, за добра гледаност и за што поголем број филмски критики и воопшто му помагаме на филмот да биде забележан, што е најтешкиот дел од работата, истакна Митревски.
На разговорите за „Трето полувреме“ во Америка публиката, рече тој, се интересирала за вистинските приказни и историските детали во филмот – за автентичниот лик Нета Коен која го преживеала холокаустот и за фудбалскиот клуб „Македонија“.
Засега има интерес за кинодистрибуција во Австралија, Канада, Русија, Индија и Италија, а се преговара и со две големи куќи за дистрибуција во САД.
Во Македонија филмот го гледале 60.000, од кои 50.000 во „Милениум“ каде што од утре по пауза од 12 дена (поради одржувањето на фестивалот „Синедејс“) филмот повторно ќе биде на репертоар со по три проекции дневно. Митревски очекува да се надмине гледаноста на претходниот негов филм „Балканкан“, кој во кино го виделе 120.000 гледачи и посакува да се уриваат рекорди со секој нареден домашен филм.
Продуцентот Роберт Насков од „Кино око“ рече дека филмот следниот викенд ќе се прикажува во осум градови низ Македонија истовремено и дека проекции ќе има во сите поголеми населени места каде што има услови. Филмот е целосно дигитален што овозможува полесно и поевтино да стигне до повеќе места во исто време.