Во центарот на Скопје се наоѓа модерен стан со површина од 116 метри квадратни, дизајниран од студиото „Прокси“, кој е поделен на две единствени целини базирани на принципот „ден-ноќ“.
„Дневниот“ дел од станот го сочинуваат дневната соба и кујната со трпезарија, кои меѓусебе се раздвоени со ентериерен ѕид на кој од двете страни има полици.
Главниот ѕид во дневната соба е дефиниран со шперплоча со вертикални дрвени панели, кои создаваат комплексна текстура на внатрешниот простор кој се шири кон влезниот ходник. Дрвените елементи се среќаваат во целокупниот дизајн и се искористени како сегмент за спојување на разлините ентериери.
За разлика од темните виолетови нијанси во дневната соба, кујната е целосно бела, со што се истакнуваат деталите изработени од дрво. Највпечатлив дел во кујната е вертикалниот ѕид за цвеќиња, кој прекрива цела една нејзина страна.
„Ноќниот“ дел на станот се состои од спална и детска соба, која може да функционира и како домашна канцеларија или простор за седење. Во спалната соба доминираат сиви тонови, а виталноста на „дневниот“ дел е заменета со многу посмирувачка и позрела атмосфера. Над брачниот кревет се поставени полици, кои потестуваат на оние во кујната, а со вградувањето на црвени лампи се обезбедува „боење“ на просоторот.
Во детската соба долж едниот ѕид е поставен гардеробер, кој обезбедува дискретен простор за складирање, додека со рамни полици е дефиниран делот наменет за читање и работа.