Собранието на ОБСЕ со својата работа и ангажман се покажа како еден од основните столбови и значаен инструмент во остварувањето на темелните принципи врз кои е формиран ОБСЕ. Во овие 25 години Парламентарното Собрание го потврди значењето на парламентарната дипломатија во зачувувањето на мирот, стабилноста и соработката помеѓу 57 држави членки, истакна попладнево претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на почетокот на Петнаесеттата есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) што до 2 октомври се одржува во Скопје.
– Република Македонија добро ја познава и верувам ја цени позитивната улога и големиот придонес кој ОБСЕ, преку сите негови организациски форми и тела, досега ги има постигнато, рече Вељаноски. Сите во регионот, додаде тој, научивме дека само преку дијалог и градење на доверба, преку почитување на човековите права и слободи, како и остварување на принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото можеме да обезбедиме стабилност во нашите држави.
Македонија, како што кажа, токму поради непочитувањето на некои од принципите на ОБСЕ, но и на други меѓународни институции, непринципиелноста ја има осетено на свој грб како голема неправда.
– Дури поради непочитување на темелните принципи на меѓународното право бевме на своевиден начин блокирани во остварувањето на нашата определба за членство во НАТО, иако ги исполнивме сите услови. Истото се случува и со започнувањето на преговорите со Европската Унија. Сепак, искрено верувам дека сега навистина скромно започнува процес на дијалог, а со тоа и на градење доверба со што би се надминал овој проблем кој 25 години го имаме со нашиот јужен сосед, истакна претседателот на Собранието.
Во однос на парламентарната соработка, како во регионот, така и пошироко, Вељаноски рече дека секогаш се става акцент на зачувување на мирот и надминување на сите оние предизвици кои можат да ја загрозат стабилноста во регионот.
Темите на расправа на Петнаесеттата есенска сесија на ПС на ОБСЕ се актуелните состојби – зајакнување на мерките за градење доверба и добро управување во регионот на ОБСЕ, мигрантската криза…
– Мигрантската криза која за жал и понатаму останува многу сериозен предизвик не само за регионот, туку и за Европа. Република Македонија не е крајната дестинација на овие луѓе, но е дел од таканаречената балканска рута која започнува во Република Турција, а завршува во државите од Западна Европа. Откако започна оваа бегалска криза, Република Македонија вложувајки максимални напори, како во средства, така и во човечки ресурси, успеа на овие несреќни луѓе да им обезбеди услови за безбеден транзит низ нашата држава, рече претседателот на македонското Собрание.
Станува збор, рече тој, за повеќе од 900 илјади бегалци и изрази надеж дека заклучоците на оваа тема ќе бидат чекор напред во ефективното справување со бегалската криза која што не е прашање само на Турција, Грција или Македонија, туку пред се е европско прашање.