Струмица е една од 55-те општини во државата, во која денеска се спроведе националната еколошка акција „Ајде Македонија“.
Според информацијата од Силвана Црвенмицева од Одделението за заштита на животната средина, учениците од основните и средните општински училишта, денеска ги чистеа и уредуваа училишните дворови, а за првоодделенците е одржан едукативен час.
Утре со почеток во 10 часот, општина Струмица и Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ во соработка со НВО секторот ќе реализираат активност за отстранување на дива депонија позади градските гробишта. За таа активност, општина Струмица од својот буџет издвои 90 илјади денари.
За утре е најавена и презентација на собраните резултати во рамки на проектот „храната за гладните, а не на депонија- НЕ за фрлањето храна“, на која ќе биде претставено и искуството на Франција, земја која донесе Закон за НЕ фрлање храна од маркетите во нивната земја.
– Ниту ние, ниту која било држава во светот не сме толку богати за да дозволиме покрај многу голем број гладни луѓе да пропаѓа толку храна. Илјадници тони храна, која е добра за консумирање, секоја година завршува на депонија. Овошје и зеленчук што стоеле неколку денови, но не се расипани, млеко и месо со нивните преработки, кои се пред истекот на рокот, леб и печива, слатки, и друга пакувана храна секојдневно се исфрлаат од македонските маркети и ресторани. Многу мал дел од тие количини завршуваат кај сиромашните луѓе. Значаен и организиран систем нема, а секоја активност на хуманитарните организации се сведува на повремени акции, кога ќе се соберат доволни количини да им бидат распределени на оние кои имаат потреба од хранa, стои во соопштението од Организацијата на жени од Струмица, дел од проектот.