Земјите производители и извозници на нафта, членки на ОПЕК, на министерската конференција во Алжир, се согласија за намалување на производството на сурова нафта.
Ова е првпат, по осум години, земјте од нафтениот картел да се спогодат за едно вакво решение, откако големите производители најдоа заедничко прифатливо решение.
Веста за постигнатиот договор за намалување на производството, веднаш предизвика раст на нејзината цена за шест отсто на нафтените берзи во Азија, достигнувајќи цена од околу 49 долари за еден барел.
Во соопштението од министерската конференција во Алжир се вели дека деталите од постигнатиот договор, ќе бидат обелоденети на формалниот состанок на ОПЕК, предвиден за ноември годинава.
Засега е познато дека дневното производство би се намалило за 700 илјади барели. Од оваа одлука е исклучен само Иран.
Владата во Техеран, уште претходно најави дека е против намалувањето на прозиводството, затоа што настојува со забрзано црпење и продажба на нафта, да ја потикне својата економија која долги години на ред, бешепод меѓународни санкции.
На состанокот во Алжир, само на Иран му е дозволено да го зголеми своето произвдство, отако Техеран и Ријад, претходно, успеале да ги надминат меѓусебните разлики.
Одлуката на ОПЕК ја поздравија сите помали производители, како Алжир и Нигерија кои бараа едно вакво решение.
Во последните две години, цената на суровата нафта се намали од рекордните 110, на под 40 долари, предизвикувајќи буџетски проблеми кај повеќето земји производители.
Сегашниот договор предвидува намалувањето да изнесува меѓу 32,5 и 33 милиони барели дневно.
Во овој момент, сите членки на ОПЕК произведуваат 33,2 милиони барели сурова нафта, секој ден.