Најновото филмско остварување на Тим Бартон, „Домот на необични деца на госпоѓица Перегрин“, на чии визуелни ефекти работеше и македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х во соработка со МПЦ од Лондон, од вечер ќе почне да се прикажува во Скопје.
Филмот е работен според деби новелата и бестселер на Рансом Ригс. За Кристијан Даниловски, ко-основач на компанијата ФХ3Х, се чини дека Бартон кој има 18 дела зад себе, го направил својот најдобар филм во неговата 30-годишна кариера.
– Интересно е што Бартон наоѓа инспирација во необичните работи, а новелата на Ригс се чини е полн погодок, особено елементите со старите фотографии во неа, британскиот декор и локација, се е предизвик да се погледне финалниот резултат. За нас особено е големо исчекувањето бидејќи имавме чест да бидеме дел од визуелните ефекти во соработка со МПЦ од Лондон. На овој проект работевме од септември до ноември минатата година со тим од 94 артисти, изјави Даниловски.
Критиката оценува дека не постои сомнеж кај филмските фанови дека ова е Домот за невообичаени деца на Тим Бартон, факт кој само дополнително ќе ја привлече филмската публика. Филмот е за дете кое патува низ времето назад до ерата на Втората Светска Војна и училиште за ексцентрични деца под раководство на директорката, која има способност да менува облици, толкувана од Ева Грин, новата муза на Бартон.
Како и во претходните главни ликови на Бартон, Џејк Портман (кој го толкува Аса Батерфилд, „Хуго“) е прилично проблематично дете, неразбран од своите родители, но многу близок со своите баба и дедо. Особено го привлекуваат приказните на дедо му за куќата во Полска во која што живеел пред Втората Светска Војна, каде што имало „посебни деца“. Приказните во кои борбите со „чудовиштата“ и одбивањето да се навлегува во многу детаљи се подразбираат во семејството како начин на дедото да се соочи со последиците од Холокаустот, но Џек смета дека се повеќе од тоа. По смртта на дедо му, неговиот татко во обид да стави крај на фантазиите од приказните, го испраќа во Велс, во старото училиште на дедо му.
Освен Ева Грин и Аса Батерфиелд, во ова двочасовно остварување на Бартон настапуваат и Семјуел Џексон како ловец на сирачиња, Руперт Еверет и Мајло Паркер.
Премиерата на „Домот на необични деца на госпоѓица Перегрин“ е во киното Синеплекс вечер во 20 часот.