Шестиот по ред маратон „По стапките на Крали Марко“ ќе се одржи на 24 и 25 септември во Прилеп.
Организатори на маратонот се здружението „Трекс“ и планинарско спортско друштво „Макпетрол“ заедно со општина Прилеп.
Игор Јовановски од здружението „Трекс“ денеска на прес-конференција рече дека во двата дена се опфатени четири трки. Посочи дека ќе се одржи ултрамаратонска трка од 90 километри. Таа ќе биде прва од четирите трки и првпат ќе се одржи во Македонија.
Трката, нагласи, е со 4.300 метри висинска разлика и се бодира од Интернационалната „Trail runing“ асоцијација.
– Носи четири поени за трката околу Монт Блан. На оваа најнапорна трка учествуваат 60 натпреварувачи и почнува од 23 часот на 24 септември. Другите три трки, од кои две за возрасни и едната е детска, се од 16 километри до Трескавец, 31 километар до „Камена баба“ (се трча до Прилепското езеро и назад). На овие две трки има по 125 натпреварувачи. Детската трка е од еден километар до Маркукуле. За оваа трка заедно со општината преку прилепските училишта ќе има преку 100 учесници, рече Јовановски.
За сите трки досега се пријавени 308 учесници од 13 држави.
– Натпреварувачите се од 13 земји, меѓу кои од Полска, Холандија, Финска, САД, Австралија, Бугарија, Србија и Македонија. Стартот на сите четири трки е од Амфитеатарот во населбата Варош. Ултрамаратонот од 90 километри почнува во 23 часот в сабота на 24 септември, а другите три трки се на 25 септември од 10 часот, пак од Амфитеатарот во Варош каде е и целта на сите трки, појасни Јовановски.
– Патеката е означена, а 80 отсто е со рефлектирачка маркација што значи осигурана е безбедноста на учесниците на теренот. Натпреварувачите имаат задолжителна опрема која треба да ја покажат при подигнувањето на стартниот пакет, додаде Јовановски.
За прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, Прилеп е препознатлив по негувањето екстремни спортови.
– Овој ултрамаратон е еден од повеќето екстремни спортови што се одржуваат преку годината и Прилеп се издвојува како град кој ги негува овие спортови. Има натпреварувачи од речиси секаде од светот, дури и од Австралија. Посакувам сите натпреварувачи да имаат успешна трка, рече Ристески.
За ултрамаратонската трка ќе бидат ангажирани и преку 70 волонтери. Од технички аспект, секој натпреварувач ќе добие чип, а на три локации ќе има електронско мерење. Трката ќе се следи и он-лајн.