Паметна мобилност, силна економија е насловот на форумот кој денеска се одржа во просториите на Јавна соба – Центар, како дел од активностите на Град Скопје на шестиот ден од Европската недела на мобилност 2016. Во рамките на форумот беше објавен и повикот „Како да поминете еден поинаков, зелен ден во Скопје“.
На форумот беа претставени проектите на Градот Скопје за одржлива мобилност, а особен акцент беше ставен на проектите „Скопје велоград 2017“, унапредување на велосипедската инфраструктура во градот и неговите придобивки за граѓаните и за зачувувањето на животната средина и на проектот за автоматска локација на возилата во јавниот превоз и на електромобилноста.
Претставници од бизнис-заедницата ги споделија своите искуства за инвестирањето во електромобили и хибридни возила, за поттикнувањето на своите вработени на работа да доаѓаат пеш или со велосипед, како и за можностите за креирање зелени работни места.
Градот Скопје во соработка со УНДП го објави и повикот „Како да поминете еден поинаков, зелен ден во Скопје“, преку користење и комбинирање различни видови транспорт за туристички и рекреативни активности, како можност за развој на еко-туризам во градот и изнаоѓање нови туристички понуди за скопјани, но и за посетителите.
Според условите на конкурсот, предложените рути треба да бидат наменети за туристички и рекреативни активности за граѓаните како нова туристичка понуда, односно места до кои ќе се патува со комбинирање различни видови транспорт – пеш, велосипед, јавен превоз, електрични или хибридни возила, без користење возило на бензин или дизел. На повикот со свои идеи може да се пријавуваат лица постари од 18 години, како и правни субјекти, а рокот за пријавување е до недела, 6 ноември 2016 година. Пријавите може да се доставуваат на меил-адресата: [email protected].
Победничката рута ќе биде објавена на 13 ноември. Најиновативната идеја ќе биде наградена со велосипед на расклопување и ќе биде промовирана пред туристичките оператори.
Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2016 во соработка со невладината организација ОРТ, како и со Делегацијата на Европската Унија во нашата држава, Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации.