Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски ја праша специјалната јавна обвинителка Катица Јанева каде се потрошени над 60 милиони денари кои недостасуваат во финансискиот извештај. Тој исто така праша како се одвива процесот на ангажирање на истражувачи, советници и експерти во СЈО, дали има јавни огласи или дали тоа го прави врз основа на лично наоѓање, бидејќи, според него, поголем дел од ангажираните лица во ова Обвинителство се побрзуваат со опозициската СДСМ, а нема луѓе кои се поврзуваат со друга политичка партија.
Тој истакна дека во шестмесечниот извештај на Специјалното јавно обвинителство недостасуваат сите поединечни постапки во СЈО.
– Би потсетил на изјави од лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека тој бил најприслушуван политичар во Македонија. Ако е тоа точно, би дошле до заклучок дека најголем фајл има господинот Заев. Ако тргнеме по таа претпоставка, доаѓаме до претпоставка дека најголем број на разговори кои ги има во вашето обвинителство се од Заев. Верувам дека сето тоа го имате во посед и доаѓам до кучното прашање, дали не мислите дека дозволивте целата јавност да има впечаток дека работите пристрасно, дека напаѓате една политичка партија, а заштитувате друга политичка партија. Како е возможно да имате постапка против градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, а да немате постапка против градоначалникот на Струмица, Зоран Заев. Зошто во ист момент не постапивте исто за сите градоначалници, праша Димовски.
Во врска со барањето на Јанева за пролонгирање на рокот, Димовски кажа дека таа пред девет месеци кажала дека нема потреба од толкав број обвинители да работат во нејзиниот тим заради обемот на работата на СЈО.
– Можам слободно да кажам дека нема атмосфера во Собранието на Република Македонија да ви излезе во пресрет за барањето на рокот, но ако имате желба и намера да го зајакнете тимот и да ги вратите тие две обвинителки или да побарате други обвинители да бидат вклучени во тимот, или да побарате дополнителни лица да ви помогнат во брзината на работата, подготвени сме да разговараме, рече Димовски.
Александар Тодески