Претседателот на Боксерската федерација на Македонија, Игор Златков изрази големо задоволство од најавените мерки за развојот на спорт, меѓу нив и боксот.
– Досега не се памети мерка која што ќе помогне толку многу на спортот, посебно на боксот, како онаа што беше најавена вчера од претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Изминатиот период боксот стагнираше во својот развој, но со промените на раководните структури и со помош на владата се планира издигнување на боксот на местото кое го заслужува. Ние ќе треба да направиме лига која ќе треба да започне да функционира во септември следната година, изјави Златков.
Македонија ќе добие Прва и Втора боксерска лига составена од по осум клубови кои преку квалификациски турнир ќе се обидат да обезбедат место меѓу најдобрите.
Втората лига ќе биде поделена на Исток и Запад, шампионите следната година ќе влезат во Прва лига на местото на двете последно пласирани екипи.
Според најавите преку 700 илјади евра ќе биде помошта од државата за боксот. На тој начин обезбедени се средства за сите учесници во натпревари, победниците, поразените, тренерите, медицинските лица, судии, делегати и други технички лица.
Лигата ќе започне во септември 2017 и ќе трае до мај 2018 година.
Во насока на заживување на боксот во Македонија, веќе на 15 октомври оваа година клубот Аперкат ќе организира турнир на кој се поканети да земат учество сите екипи од државата. Ова ќе биде еден контролен турнир да се види формата на боксерите.
Боксерската федерација на Македонија презема одговорност за организација и враќање на нивото на традиционалниот меѓународен турнир „Златен Гонг“.