Македонија може да произведува и преку двете акредитирани тела да сертифицира органска храна за европскиот пазар, но потребно е земјоделците да склучуваат договори на најмалку три години со откупувачите и да обезбедат доволни количини, велат експертите.
Побарувачката за органски производи се зголемува со исклучително брзо темпо и во светски рамки лани достигна 90 милијарди долари за разлика од 1999 година кога беше 15 милијарди.
Како што беше речено на работилницата за агро-новинари викендов во Велес, македонското органско растително производство засега најмногу може да понуди житни култури, фураж, грозје и ароматични лековити растенија, додека во органското сточарство, предничи овчарството.
– Од минатата година субвенциите за органското произодство се зголемени за 30 отсто, а на производителите им се исплаќаат и дополнителни 50 проценти од трошоците за сертификација. Како резултат на тоа, зголемен е интересот за преминување од конвенционално во органско производство, истакна Оливера Бичиклиски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Вкупно 3.089 хектари под органско производство се регистрирани лани, а бројот на производители и оператори бил 481. Државната финансиска поддршка изнесувала 47.770.000 денари, додека меѓу активностите на МЗШВ за подигање на свеста кај потрошувачите во овој сегмент беа и националната кампања за здрава храна, како и поддршката за отворањето продавници за органска храна.
Според професорката Рукие Агич од Факултетот за земјоделски науки и храна, се уште многу од нашиот асортиман, од сортите што се произведуваат, не одговараат на барањата на европскиот и пошироките пазари. Затоа е неопходно постојано истражување и прилагодување кон побарувачката.
Фокус треба да се стави, напомена, на руралните средини кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство.
– Органската храна не е обичен тренд, туку одржлив систем кој одамна функционира во поголем дел од светот. Моментно, побарувачката расте со преголемо темпо поради што производството не може да ги задоволи барањата. Засега, најголеми потрошувачи се Швајцарија, Германија, Велика Британија, Луксембург и Данска, а најголем производител е Австрија, нагласи Рихтер Торалф од Швајцарскиот институт за истражување на органското земјоделство.
Во светски рамки, побарувачката на органска храна е голема и во САД и Канада.
Како што информира Амадеус Шунке сопственик на компанијата за органски семиња и растенија „Сатива“, во Швајцарија има 6.000 земјоделци кои произведуваат органска храна, а годинава се регистрирани уште 227 нови фарми. Од вкупните 137.000 хектари за органско производство, органски се 12,8 отсто. Пазарот е 2,23 милијарди швајцарски франци. Најмногу има органски јајца, леб и зеленчук. Осумдесет отсто од органската храна во Швајцарија се продава во големите маркети, додека 20 проценти во специјализирани продавници.
Шунке веќе соработува со македонски производители. Обезбеди органско семе за производство на органско гравче во селото Мустафино, Свети Николско, кое се очекува да ги извезе првите количини за Швајцарија.
– Македонија има голем потенцијал за органско производство, за квалитет, и може да произведува органска храна за швајцарскиот пазар. Неопходно е само добро планирање, организирање, здружување, учење и постојано следење на трендовите, барањата на потрошувачите. На почеток со планираната продукција на органско гравче во Мустафино имавме мали проблеми зашто семето пристигна релативно доцна. Мора да се надминат слабостите во однос на увозот на органско семе, процесот да се олесни и поедностави. Во спротивно, може да се одрази на конкурентноста, истакна Шунке и додаде дека од гравчето очекува добра жетва.
Според него, и сончогледот е добра опција за органско производство и извоз. Се бара и овчо сирење за кое, потенцира, има исто така огромен интерес. Пазар за овие производи секако има, зашто купувачите од Западна Европа се помалку се ориентирани кон месото.
– Годинава посадивме три хектари со два вида грав. Многу сме задоволни од соработката со „Сатива“ бидејќи освен репроматеријал, ни даваат и совети како понатаму да делуваме во однос на производството. Се надеваме дека годинашниот род ќе ги задоволи швајцарските барања и критериуми кои се исклучително строги особено во однос на квалитетот. Ни претстои уште многу работа. Допрва ќе биде жетвата, а потоа има и низа процедури кои мора да ги спроведеме за да стаса производот на пазарот во Швајцарија, изјави Сузана Димитриевска, производител на органско гравче во Мустафино.
Според неа, нашите фармери не размислуваат како фармерите во Швајцарија. – Тие применуваат поинакви практики кои навистина даваат одлични резултати. Применивме неколку од нив како што е советот дека производството на грав не бара воопшто ѓубрива ако почвата е висококвалитетна како нашата. Значи, мора да го знаете добро нејзиниот состав, подвлече Димитриевска и порача дека македонските земјоделци мора да размислуваат што и како ќе произведуваат и кои практики даваат најдобри резултати.
Бранко Јанковски од земјоделската задруга „Пробуда“ смета дека од органско земјоделство во македонија може да се живее.
– Профит има, не толку голем, но од него може да се живее. Потрошувачите препознаваат квалитет, иако некои од продавачите меѓу органските поризводи што ги нудат понекогаш додаваат и конвенционални. Пласманот на нашите производи е обезбеден, најмногу имаме круши, пет до 10 тони зависно дали е годината добра, домати и пипер два до три тона, зелка неколку тони, компир 20 до 30 тони, пченка исто така,… Не е тешко да се исполнат барњата за сертификација. Едноставно, не треба да се употребува хемија, ниту вештачки ѓубрива. Се бара повеќе мануелна работа на плевење, копање, не може да се користи многу механизација, објасни Јанковски.
Од работилницата што ја организираше Здружението на агро-новинари „Медиа Плус“ во соработка со Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) беше испратена пораката дека домашните потрошувачи треба да бидат сигурни во македонските сертифицирани органски производи, дека тие се исти како оние во ЕУ и САД и дека подлежат на еднакви ригорозни контроли, а можноста за манипулација е сведена на минимум.
По обуката, новинарите имаа можност да ги посетат расадникот „Китка“ во Скопско и продавницата за органска храна „Биокулт“.