Сите страни во Босна и Херцеговина треба да се воздржат од постапки кои би можеле да доведат до ескалација на ситуацијата, порача претставничката на ЕУ, за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, охрабрувајќи ги институциите во БиХ да го решат прашањето за Денот на Република Српска.
Ова се наведува во нивното заедничко соопштение кое го објави Европската служба за надворешни работи, по повод вчерашната одлука на Уставниот суд на Босна и Херцеговина да не го разгледа повторно прашањето за Денот на Република Српска и да усвои привремена мерка со која привремено се спречува одржувањето на референдумот во РС.
– Ги охрабруваме институциите во БиХ да го решат тоа прашање и да го почитуваат владеењето на правото низ утврдување на правни процеси и постоечката уставна рамка, како и по пат на конструктивен дијалог, се истакнува во соопштението.
Могрени и Хан укажуваат дека БиХ усвоила агенда за реформи кои се неопходни за соочувањето на земјата со економските и социјалните предизвици и клучни за нејзиното понатамошно напредување кон европскиот пат.
– Прашањето за Денот на Република Српска не треба и не смее да ја одврати БиХ од таа клучна работа, се заклучува во сооштението.
Уставниот суд во БиХ го одби барањето за преиспитување на одлуката за неуставност на 9 јануари како Ден на Републиката во РС, со што е конечно е потврдено дека се смета за неуставен.