Потрошувачите да не се сомневаат во домашните сертифицирани органски производи

Од:

Малите фарми, фрагментираните површини, недостигот на репроматеријали, современа опрема за берба и постбербени операции, недоволниот број ладилници и немањето информации особено во руралните средини, се клучните предизвици со кои се соочува македонското органско земјоделство.

Како што беше речено на денешната работилница за новинари во Велес, дополнителен проблем се финансиите, а се уште нема и доволен број тренирани советници. Решението, според експертите, е во договорното производство што подразбира здружување и поврзување на сите чинители, производителите, науката и институциите, како и однапред дефиниран пласман дома и на странските пазари.

– Македонија има голем потенцијал за органско земјоделство, одлични еколошки услови, традиција и земјоделци кои си ја знаат работата. Но, процесот бара многу знаење и информации. Едукација е неопходна на сите нивоа и постојано, зашто работите во континуитет се менуваат, рече професорката Рукие Агуч од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според неа, земјоделците тешко набавуваат и органско семе, немат соодветна механизација, а поради несигурниот пласман ретко кој од нив преминува од конвенционално во органско производство.

Во однос на извозот, напомена Агуч, квалитетот и кватитетот се клучни.

Сертифицирањето, пак, отвора сосема поинакви прашања и дилеми. Анализите на терен покажуваат дека потрошувачите не се потполно сигурни во домашните органски производи и се уште со недоверба и сомнеж гледаат во сертификатот. Тоа, велат експертите, е неоправдано и неосновано. И тука причината ја гледаат во недоволната информираност.

– Постои тенденција кај производителите своите производи да ги нудат како органски со образложение дека се еколошки одгледани и дека не содржат резидуи (остатоци) од пестициди, додека купувачите сметаат дека органски се оние производи што се мали, црвливи и со флеки. Но, ниту едното, ниту другото е точно. Органски се само оние производи кои имаат сертификат од акредитирано тело, подвлече Валентитна Колар Јовановска од Балкан Биосерт.

Како што потенцира Јовановска, процесот на контрола за сертификација е секаде ист, и кај нас и во ЕУ и генерално во светот. Притоа, не се контролира производот, туку процесот кој претставува систем на мерки кои обезбедуваат оптимално ниво за заштита на здравјето на почвата, водата, животната средина, животните и луѓето.

Работилницата за новинарите во Велес е поддржана од Швајцарската агенција за развој и ИМЕ програмата за зголемување на пазарот и вработувањето чии активности овозможија македонски органски грав и лековити зачински билки првапт да се произведуваат за пазарот во Швајцарија. Ативностите од ноември предвидуваат и изготвување законски измени за полесен увоз на органско семе, како и за формирање прв кластер за органско производство во Македонија.

Новинарите во рамки на обуката ќе имаат можност да го видат производството на грав во Мустафино, како и на органските зачинина Китка.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници