Утре на сцената на Центарот за култура во Битола свечено ќе биде затворено 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, по доделувањето на наградите ќе биде прикажан филмот „Златната петорка“ што е светска премиера.
На свеченоста, утревечер, на светски познатиот кинематографер Федон Папамихаил, ќе му биде врачена специјалната Златна камера 300 за осбоен придонес во светската филмска уметност, а на познатиот британски продуцент Сајмон Пери, Друштвото на филмски работници ќе му ја додели наградата „Голема Ѕвезда“ за исклучителен придонес за македонската кинематографија. Пери како главен продуцент на „Бритиш скрин“ беше еден од продуцентите на „Пред дождот“, најуспешниот македонски игран филм.
Свеченоста на затворањето, ќе ја режира Мартин Кочовски, кој подготвува перформанс поврзан, како што вели, со будењето на нов живот.
Веднаш по свеченото доделување на специјалните признанија, ќе бидат објавени и добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300, ќе биде прикажан филмот„ Златна петорка“. Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а на последната верзија работеше косценаристката Билјана Гарванлиева. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
ЗЛАТНА_ПЕТОРКА_Трејлер_MK from TFA_AF_AsterFest on Vimeo.
Во дејствието од филмот главен мотив е парадоксалниот настан од 1951 година кога се ликвидирани петмина млади надежни студенти од Струмица. Филмската екранизација претставува всушност фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто со години натежнуваат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, во 2016-та, преживеаниот емигрант Алавантие се враќа во родната земја, отпретувајќи некои нови траги од досието кое тајните служби го воделе со кодните имиња на студентите.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Инаку „Златна петорка“ ќе има премиера во официјалната селекција на Интернационалниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон, на 29 септември.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје и е поддржан од Агенцијата за филм.