Специјалното јавно обвинителство јавно го објави вториот шестмесечен извештај, во кој наведува дека досега се преслушани 55.250 ауди фајлови, или 12% од вкупно доставените аудио фајлови.
Во извештајот, Катица Јанева наведува дека се сослушани 264 сведоци и 60 осомничени. Поднесени се 2 барања за заштита на законитоста и поднесени се 6 замолници за меѓународна правна помош.
Во прилог, извештајот на СЈО интегрално:
И З В Е Ш Т А Ј
за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци
( за периодот од 15.03 до 15.09.2016 )
- Карактеристики на вториот извештаен период
Вториот извештаен период за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (во натамошен текст ова Јавно обвинителство) се надоврзува на првиот извештај за работата на ова Јавно обвинителство доставен од мојата страна до Собранието на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија на 15 Март 2016 година.
Наведениот временски период го карактеризира зголемена административна и оперативна активност, со проширено предметно постапување, позачестена соработка со други државни органи, покооперативна соработка со меѓународни институции, како и поинтензивна комуникација со домашната и меѓународна јавност. Станува збор за континуитет во работата на ова Јавно обвинителство за зголемување на бројот на предистражните и истражните дејствија и на опфат на инволвираите лица во тие дејствија за подобрување на стручниот капацитет на истражувачките тимови како и за стручно и похрабро спротиставување на опструкцијата во работата на ова Јавно обвинителство за пораст на оптимизмот кај обвинителскиот тим за поквалитетно извршување на поставените задачи и зголемувањето на довербата на ова Јавно обвинителство во очите на домашната и меѓународната јавност.
Клучните фактори кои влијаеа врз работата на ова Јавно обвинителство во изминатите шест месеци е вербата на обвинителскиот тим во правото и во неговата супериорност во обезбедувањето на правдата, цврстата убеденост на тимот дека таму каде што има кривични дела мора да има и казнивост на нивните сторители и убеденоста на ова Јавно обвинителство дека еден народ е толку цивилизиран народ колку што ги прифаќа и брани вредностите на правото. И од вториот извештај може да се види дека ова Јавно обвинителство истрагите ги води темелно и дека настојува утврдените резултати да можат да издржат и најсилна критика од страна на стручната и пошироката јавност.
Како и во првиот така и во вториот извештаен период јас како Јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и мојот тим напорно и посветено работиме во насока на реализација на задачата заради која што е основано ова Јавно обвинителство, соочувајќи се со сите предизвици кои стојат пред нас.
Доколку се анализира периодот и условите под кои почна да функционира ова Јавно обвинителство, како и периодот во кој беше избран обвинителскиот тим, може да се заклучи дека ова Јавно обвинителство фактички функционира помалку од една година. Сепак и покрај ваквата состојба, во извештајниот период од страна на ова Јавно обвинителство во целост се испочитувани законските обврски и тоа како од аспект на професионално и транспарентно работење, така и од аспект на соодветно постапување со материјалите од незаконското следење на комуникациите и предметите кои се оформени пред јавните обвинителства и судовите во Република Македонија, а се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Предметното постапување на ова Јавно обвинителство говори дека во извештајниот период започнати се многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминаа и во фаза на истрага. Воедно за краток временски период преземени се голем број процесни дејствија.
Во оваа насока сакам да истакнам дека Јавното обвинителство со кое јас раководам, поведува и води кривични постапки согласно законот за кривична постапка во рамки на кои како досега така и во иднина ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапката, како од аспект на нивна безбедност, така и од аспект на обезбедување на сите процесни права.
Иако во извештајниот период ова Јавно обвинителство наиде на проблеми во остварување на соработка со правосудните и други институции, изразувам уверување дека во периодот што следи ова соработка ќе биде унапредена и сите тела државни органи и институции надлежни за спроведување на закони ќе обезбедат помош по барање на ова Јавно обвинителство согласно со Законот за кривична постапка.
Во следниот шестмесечен период во фокусот на работата ќе бидат отворените истраги како и отворените предистражни постапки, како и преслушувањето на материјалите, при што се издвојуваат приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија, дефинирани во Законот за заштита на приватноста.
Доставувањето и на овој извештај, како и претходниот, е многу повеќе од исполнување на законска обврска и извор на податоци врз основа на кои може да се цени законитото и професионално работење на ова Јавно обвинителство. И овој извештај наметнува стандарди на сите институции од правосудството за јавно и транспарентно поднесување на извештаи за работењето, се со цел целокупната стручна и поширока јавност да има увид во начинот на постапување, а што воедно ќе влијае и на зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Нашата мисија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото. Ова Јавно обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните, стремејќи се да ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем преку транспарентно и независно постапување, за што гарант е автономноста на ова Јавно обвинителство.
- АДМИНИСТРАТИВНИ И ОПЕРАТИВНИ АКТИВНОСТИ
- Просторни и технички услови
Просторните и техничките услови за работа на ова Јавно обвинителство во најголемиот дел од наведениот период се речиси исти како и во првиот извештаен период (15.09.2015 до 15.03.2016). И во овој период ова Јавно обвинителство продолжи да работи под исти технички услови и во истите закупени простории на улица Митрополит Теодосиј Гологанов бр.28/2-3 во Скопје. Имајќи предвид дека до завршување на активностите за адаптација на објектот доделен на ова Јавно обвинителство се закупени простории каде обвинителството е привремено сместено, но заради недоволните и несоодветни просторни услови беше отежната работата на ова Јавно обвинителството во поглед на постапувањето и превземањето на сите дејствија од надлежност на обвинителството.
Во истиот период интензивно се преземаа сите потребни активности за адаптација на доделениот објект од Министерството за правда кој се наоѓа на ул. Франклин Рузвелт бр.34 во Скопје, каде од 5 септември е сместено седиштетпт на ова Јавно обвинителство. Имајќи ја предвид природата и специфичноста на работата и дејствијата кои е надлежно да ги превзема ова Јавно обвинителство како и утврдената потреба за доадаптација на наведениот објект во насока на подобрување на неговата функционалност и овозможување на соодветни услови за работа и за извршување на основната дејност на ова Јавно обвинителство.
Во таа насока преземените активности беа со цел обезбедување на потребните безбедносни стандарди за институција од овој вид, исполнување на безбедносните стандарди за соодветно чување на предметите и материјалите од надлежност на обвинителството, како и оспособување на објектот и создавање на потребните услови за превземање на истражните дејствија од аспект на сослушување на заштитени сведоци и овозможување соодветна заштита на правата на сите учесници во постапката.
По завршување на активностите за адаптација на објектот согласно интерниот акциски план за преселба на Јавното обвинителство, преселбата беше започната на 06 август и истата во целост беше завршена на 2 септември 2016 година. При тоа, во целост беше извршена преселба на материјалите со кои ова Јавно обвинителство располага, целокупниот доказен материјал, компјутерите и компјутерската опрема при што во целост се запазени постапките за овозможување нивна информатичка, административна и физичка безбедност. Сеуште е во тек преземањето на завршни активности за доопремување на просториите со неопходниот канцелариски мебел, компјутери и компјутерска опрема кој се неопходно потребни за обезбедување на непречени и соодветни работни услови.
- Човечки ресурси
Во однос на првиот извештаен период, човечките ресурси на ова Јавно обвинителство се подобрени во одредена мера за време на вториот извештаен период (15.03-15.09.2016). Со Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во ова Јавно обвинителство од 29.01.2016 година е утврдена внатрешната организација, работните места и нивната класификација по категории и нивоа, називот на работните места, посебните услови за засновање на работен однос, видот на работите и работните задачите и бројот на извршители во јавнообвинителската служба на ова Јавно обвинителство.
Персоналниот план на ова Јавно обвинителство ги определува и ја дефинира организациската поставеност на ова Јавно обвинителство, човечките ресурси кои се неопходни за функционирање, како и начинот на кој неопходните човечки ресурси ќе бидат обезбедени и остварени. Со истиот план утврдена е внатрешната организациска поставеност на ова Јавно обвинителство која обезбедува законито, стручно, ефикасно и ефективно вршење на работите и задачите, како и независност и одговорност при вршењето на работите и задачите, имајќи ги предвид член 6 и член 10 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Персоналниот план го прилагодувам во зависност од обемот на работата и расположливите финансиски средства.
На претходно доделените од Министерството за внатрешни работи 11 полициски службеници и четири полициски службеници од Управата за финансиска полиција кои работат како истражители, во извештајниот период доделени се за работа уште 8 полициски службеници од Министерството за внатрешни работи. И покрај мојата наредба упатена до Управата за финансиска полиција за доделување за работа на 1 финансиски полицаец по истата и покрај законската обврска од страна на Управата не е постапено.
Оттука, моменталниот број на припадници на правосудната полиција истражители доделени за работа во ова Јавно обвинителство е 23. Од ноември 2015 година до 15-ти септември 2016 година подготвени се сумарни податоци за активностите на истражителите кои се составен дел од овој Извештај.
По завршување на постапките за вработување по пат на јавен оглас, во извештајниот период, односно од 1 април оваа година примени се вкупно 34 лица, кои вклучуваат лица кои се вработени во јавнообвинителската служба, како и лица кои вршат помошни и технички работи. Од 1 април 2016 година со Договор за дело се ангажирани три лица кои се неопходно потребни за непречено функционирање на Јавното обвинителство. Предвид наведеното тимот на ова Јавно обвинителство вклучувајќи ги го обвинителскиот тим и истражителите во моментот брои 74 лица.
Наведената организациска поставеност во ова Јавно обвинителство е конципирана со единствена цел – имајќи ја предвид посебно автономијата што ми е дадена со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, самостојно да ги истражам кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и согласно домашните и меѓународните правни стандарди да донесам соодветни одлуки, секако користејќи стручна и научна логистика со која располага ова Јавно обвинителство.
Во изминатиот период користени се и услуги од експерти и стручни лица за потребите на ова Јавно обвинителство. Во овој период зголемен е и бројот на експерти и стручни лица во зависност од обемот и бројот на предистражните и истражните дејствија
Во извештајниот период користени се и стручни услуги на универзитетски професори по правни науки, посебно од областа на уставно право, кривично процесно право и граѓанско право, во својство на правни експерти (советници). Нивната активност опфаќа повеќе димензии: толкување на позитивното право од доменот на ова Јавно обвинителство; следење на новата правна регулатива и нејзиниот однос кон Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите; запознавање со пресудите на Меѓународниот суд за човекови права и нивно користење од страна на обвинителскиот тим; нивните стручни погледи за статусот и работата на ова Јавно обвинителство да ги изложуваат пред обвинителскиот тим како и пред домашната и меѓународната јавност.
Заради унапредување на знаењата и вештините јавните обвинители, истражителите и вработените во Јавното обвинителство учествуваат на предавања и обуки кои се спроведуваат од страна на домашни и меѓународни експерти и стручни лица кои поседуваат знаење и професионално искуство, а кои предавања и обуки се од особена важност во практичната работа на Јавните обвинители, истражителите и вработените во Јавното обвинителство и истите се прилагодени на потребите и постапувањето по предметите од надлежност на ова Јавно обвинителство, а со цел професионално, објективно и независно истражување на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Во функција на целосно почитување на законските прописи со кои е уредено ракувањето и постапувањето со класифицирани информации и во текот на извештајниот период започнати беа постапки за здобивање на безбедносни сертификати на персоналот вработен и доделен за работа во ова Јавно обвинителство кои во еден дел сеуште не се завршени.
- Финансиско работење на Јавното обвинителство
Финансирањето на работата на Јавното обвинителство, согласно член 15 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се состои од средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавнообвинителската служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислење од експерти, средства за професионално унапредување на јавните обвинители и вработените во јавнообвинителската служба, добивање на капитални инвестиции и средства за одржување на просториите и опремата во Јавното обвинителство.
Целокупното финансиско работење на Јавното обвинителство во извештајниот период се движи во рамки на одобрениот буџет, а согласно Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите бр.08-606/1 од 27.01.2016 година (Службен Весник на Република Македонија бр.14/16. Од одобрените средства за 2016 година во износ од 253.682.112,00 денари, во извештајниот период заклучно со 15-ти септември реализирани се средства во вкупен износ од 72.941.547,00 денари или 28,75% од буџетот на ова Јавно обвинителство. Во последниот квартал од 2016 година ќе следи реализација на буџетски средства по однос на превземени обврски по основ на доделени договори за јавни набавки.
Најголем дел од одобрените буџетски средства во периодот 15-ти март до 15-ти септември се реализирани за подмирување на обврските по основ на договор за јавна набавка за изведување на градежни работи во вкупен износ од 8.505.777,00 денари. Истовремено, имајќи предвид дека до завршување на активностите за адаптација на објектот каде е сега веќе сместено седиштето на Јавното обвинителство, истото беше сместено во привремени простории, во функција на подмирување на превземените обврски за закуп, во наведениот период по основ на трошоци за закуп потрошени се средства во вкупен износ од 3.865.445,00 денари.
Во извештајниот период во согласност со годишниот план за јавни набавки кој е јавно објавен и на веб страната на ова Јавно обвинителство спроведени беа постапки за јавни набавки за набавка на стоки и услуги кои имаат за цел непречено и ефикасно функционирање на Јавното обвинителство.
Покрај тоа, реализираните средства во овој период беа наменети за подмирување на обврските кои произлегуваат од потребата од обезбедување непречено и ефикасно функционирање на Јавното обвинителство, средства за професионално унапредување на јавните обвинители и вработените во јавнообвинителската служба, ангажирање на експерти но и подмирување на трошоците во постапките.
- ПРЕДМЕТНО ПОСТАПУВАЊЕ
Во периодот од 15-ти март до 15-ти септември се работи на истражните постапки и предистражните постапки кои се во тек, а се анализираат и сите материјали што се доставени во електронска и во хартиена форма. Досега превземените активности на Јавното обвинителство покажуваат значаен напредок во работата дотолку повеќе ако се има предвид и фактот што при преселбата на ова Јавно обвинителство во седиштето лоцирано на ул.Франклин Рузвелт бр.34 од привремените простории се пренесени 30м3 доказен материјал.
Во извештајниот период интензивно се работи на преслушување и обработка на доставените материјали и заклучно со 15 септември во процес на обработка се 55.250 аудио фајлови односно 12% од вкупно доставените аудио фајлови. Утврдената динамика на преслушување и обработка на материјалите ќе продолжи и во претстојниот период.
Во објектот каде е сместено седиштето на Јавното обвинителство обезбедена е максимална физичка, административна и информатичка безбедност на доставените материјали. При преслушувањето и обработката на материјалите се постапува согласно воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија и други лица, гарантирана со Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот.
И во текот на Извештајниот период ги повикавме сите субјекти кои поседуваат незаконско прибавени аудио и друг вид на разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до ова Јавно обвинителство.
Во тек се вкупно 38 предистражни постапки во кои се превземаат сите законски дејствија за истражување на настани. Од нив, 16 предистражни постапки произлегуваат од јавно објавените аудио снимки, а 22 предистражни постапки произлегуваат од аудио снимките кои не се објавени и со кои јавноста не е запознаена.
Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн
Со решение од 24.03 2016 година воспоставив надлежност над предметот познат во јавноста како “Шпион”. По воспоставената надлежност списите на предметот беа доставени од страна на Апелациониот суд Скопје. Предметот во моментот се наоѓа пред Апелациониот суд Скопје, каде на јавната седница одржана на 02.09.2016 година е поднесен писмен предлог од страна на ова Јавно обвинителство во однос на жалбите изјавени од странките во постапката. Се очекува донесување на одлука од страна на Апелациониот суд Скопје по повод изјавените жалби од странките и обвинителството.
Имајќи предвид дека во Првиот извештај ја информирав јавноста дека од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје, до ова Јавно обвинителство не беа доставени доказите за предметот познат во јавноста како „Пуч“ со што се предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа иако имав воспоставено надлежност над наведениот предметам сметам дека е потребно да истакнам дека по донесување на одлуките за ослободување од гонење од страна на Претседателот на Република Македонија, со решение на Основниот суд Скопје 1 Скопје постапката по овој предмет беше запрена. По повлекување на одлуките за ослободување од гонење постапката продолжи при што доказите беа доставени до ова Јавно обвинителство од страна на судот на 30.06.2016 година. Ова јавно обвинителство постапува по предметот во согласност со Законот за кривична постапка.
На денот на поднесување на вториот Извештај, 15 септември 2016 година до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесени се два обвинителни предлози.
Еден обвинителен предлог е поднесен против 7 лица за сторено кривично дело Фалсификување на службена исправа од член 361 став 2 в.в. со став 1 в.в. со член 22 од Кривичниот Законик.
Еден обвинителен предлог е поднесен против 14 лица од кои против 2 лица за за сторено кривично дело Насилство од член 386 став 2 в.в со став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот Законик, против 3 лица за сторено кривично дело Насилство од член 386 став 2 в.в. со став 1 в.в. со член 23 и член 24 од Кривичниот Законик и против 9 лица за сторено кривично дело Насилство од член 386 став 2 в.в. со став 1 од Кривичниот Законик (Службен весник на РМ бр.37/96).
Во наведениот период донесени се наредби за спроведување на истражни постапки во 4 предмети против вкупно 40 лица.
Во истражниот предмет заведен под НСК-КО 15/15 донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против 22 лица. Од страна на ова Јавно обвинителство побарано е изрекување на мерка притвор за 12 лица. Од страна на наведениот суд одбиени се сите предлози, при што изречена е мерка притвор против 3 лица, од кои за 2 лица мерката притвор е преиначена во мерка куќен притвор, против 1 лице мерката притвор е преиначена во мерка на претпазливост, против 2 лица е изречена мерка куќен притвор од кои за 1 лице мерката куќен притвор е преиначена во мерка на претпазливост, изречени се мерки на претпазливост против 6 лица и за 1 лице предлгот за определување мерка притвор е одбиен. Во рамки на овој предмет поднесени се 6 наредби за доведување на обвинет, поднесени се 60 барања согласно член 287 од Законот за кривична постапка, поднесена е 1 жалба на решение на судија за преходна постапка за 1 лице, поднесен 1 предлог за обезбедување привремени мерки за имотно правно барање, поднесена е 1 наредба за запирање на постапка согласно член 304 став 1 алинеа 3 од Законот за кривична постапка, поднесен е 1 предлог за укинување на мерката куќен притвор и изрекување на мерка на претпазливост.
Во истражниот предмет заведен под НСК-КО бр.17/15 донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против 5 лица. Во рамки на овој предмет од страна на Основниот суд Скопје 1 побарано е изрекување на мерка притвор за 1 лице, а побарано е изрекување на мерки на претпазливост за 4 лица. Сите барања се одбиени од страна на судот. Поднесенa e 1 наредба за лишување од слобода за 1 лице, поднесени се 46 барања согласно член 287 од Законот за кривична постапка, поднесено е 1 барање за изземање согласно член 33 од Законот за кривична постапка, поднесен е 1 предлог за казнување на службено лице и поднесени се 10 жалби на решенијата на судија на претходна постапка.
Во истражниот предмет заведен под НСК-КО бр.21/15 донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против 7 лица. До Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесени се 7 предлози за изрекување на мерки за претпазливост. Од страна на наведениот суд сите предлози се одбиени. Поднесени се 3 барања согласно член 287 од Законот за кривична постапка.
Во истражниот предмет заведен под НСК-КО бр.2/16 донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против 7 лица. До Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесени се 6 предлози за изрекување на мерки за претпазливост. Од страна на наведениот суд сите предлози се одбиени. Поднесени се 2 барања согласно член 287 од Законот за кривична постапка.
Во однос на предметот познат во јавноста како “Пуч”, заведен под НСК-КО бр.16/15 поднесен е 1 предлог за 4 лица по жалба на решение за запирање на постапката на Основниот суд Скопје 1 Скопје.
Во однос на предметот познат во јавноста познат како “Шпион” од страна на ова Јавно обвинителство поднесен е 1 предлог за 17 лица по жалба на пресуда, а за 7 лица поднесени се 7 предлози по жалба на решение на Кривичниот совет.
Воедно, во рамки на постапувањето на ова Јавно обвинителство пред Апелациониот суд во постапка по жалба поднесени се 16 предлози по повод изјавени жалби на обвинети лица за кои се води кривична постапка пред ова Јавно обвинителство.
Структурата по кривични дела е следна: 4 лица за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 од Кривичниот Законик, 19 лица за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од Кривичнот Законик, 11 лица за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со став 4 в.в. со став 1 в.в со член 22 в.в. со член 45, 11 лица за кривичното дело Фалсификување на службена исправа од член 361 став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот Законик, 3 лица за кривичното дело Фалисификување на службена исправа од член 361 став 1 од Кривичниот Законик, 11 лица за кривичното дело Фалсификување на службена исправа од член 361 став 2 од Кривичниот Законик, 1 лице за кривичното дело Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување од член 142 став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот Законик, 6 лица за кривичното дело Мачење и друго нечовечно, сурово или понижувачко постапување и казнување од член 142 став 1 в.в. со член 22 од Кривичниот Законик.
Истовремено, поднесени се вкупно 901 барање согласно член 287 од Законот за кривична постапка, 36 наредби по член 284 од Законот за кривична постапка, изготвени се вкупно 324 записници за сослушување лица, од кои 264 за сослушани сведоци и 60 за осомничени лица, 2 предлога за одземање на предмети, 27 барања и известувања до институции и правни лица, поднесени се 2 барања за заштита на законитоста и поднесени се 6 замолници за меѓународна правна помош.
Од формирањето на ова Јавно обвинителство и доделувањето за работа на првите истражители, а заклучно со 15-ти септември 2016 година, истражителите како еден од столбовите на кои се заснова ова Јавно обвинителство за целокупниот период имаат преземено голем број на активности во рамки на законските овластувања во однос на сите предмети кои се водат пред ова Јавно обвинителство при што: изготвени се 340 службени белешки, реализирани се 324 учества на истражителите во сослушување на сведоци, остварени се 44 учества на истражителите на сослушувње на осомничени/обвинети, остварени се 157 контакти со граѓани/извори на информации, изработени се 86 анализи/аналитички продукти, извршени се 6314 проверки во достапнни бази на податоци, извршени се 192 увиди во документација на правни субјекти, спроведени се 8 учества во претреси, 9 учества во службени состаноци со надворешни субјекти, извршени се 22 оперативни набљудувања на лица и објекти, изготвени се 26 табеларни прикази за определени предистражни постапки, изготвени се 27 записници за примопредавање на лица и составени се 89 записници за прием на избирачки материјали.
- СОРАБОТКАТА НА ОВА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО СО ДРУГИ ДРЖАВНИ ОРГАНИ
Во остварувањето на својата надлежност ова Јавно обвинителство објективно е упатено на соработка со голем број правосудни органи, како и со други органи и институции. На важноста и неопходноста од воспоставување соработка упатува и одредбата од членот 9 став 9 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно која сите тела – државни органи и институции надлежни за спроведување на закони треба да обезбедат помош по барање на ова Јавно обвинителство согласно со Законот за кривична постапка.
Сепак и покрај ваквата законска обврска, во текот и на овој извештаен период ова Јавно обвинителство се соочуваше со одредени потешкотии од аспект на меѓу-институционална соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон.
Имено, постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија продолжи и во извештајниот период од аспект на одбивање да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Уште еднаш појаснувам дека согласно членот 11 став 2 и 3 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, единствено јас имам законски овластувања да се произнесам за стварната надлежност врз предметите, а обврска на јавните обвинителства е бараните предмети да ми ги достават.
Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од моја страна, а врз основа на утврдените законски овластувања.
Во Извештајниот период се јавија голем број на процесни пречки кои ни одзедоа време и енергија и ги забавија постапките коишто веќе беа започнати од наша страна или беа во фаза на започнување, но кои сепак во овој момент се надминати.
Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење повторно го повикува Собранието на Република Македонија согласно својот мандат да ги имплементира препораките упатени во мислењето на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста. Оттука го потсетувам Собранието дека во функција на остварување соодветна рамнотежа помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста препораките укажуваат дека е потребно да се дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес, со некои потесно дефинирани исклучоци поврзани со јавното објавување на информации за интимни аспекти од приватниот и семејниот живот, како и укажувањето за потребата од прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на Специјалното јавно обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес.
Од страна на Јавното обвинителство со кое раководам до Собранието на Република Македонија на 1 април 2016 година беше доставена Иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци која иницијатива произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на Јавното обвинителсто за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова Јавно обвинителство. Во таа насока. потенциравме дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на ова Јавно обвинителство во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. До поднесување на вториот Извештај не располагаме со сознанија дали иницијативата е разгледана или ставена во собраниска процедура.
Сепак и покрај ваквите состојби сакам да укажам дека во извештајниот период дел од институциите покажаа континуирана кооперативност и поддршката во работата на ова Јавно обвинителство, постапувајќи согласно законските обврски. Оттука, верувам дека во идниот период ваквата пракса ќе ја почитуваат и сите останати институции.
- МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО СО МЕЃУНАРОДНИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ТЕЛА
Во извештајниот период реализирана е соработка со меѓународни институции, остварени се средби со високи претставници на меѓународните фактори меѓу кои остварив средби со Помошникот Државен секретар Викторија Нуланд, Заменик Помошникот Државен секретар за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, Генералниот Директор на Директоратот за проширување во Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, Специјалниот германски пратеник за Македонија, Јозеф Хајндл, Министерот за правда на Република Италија, Андреа Орландо, главната обвинителка која раководи со Романскиот директорат за антикорупција, Лаура Ковеси како и со членови на Европскиот парламент.
На средбите кои ги реализирав во овој период укажав на заложбата на Јавното обвинителство како досега така и во иднина дека ќе продолжи да работи професионално, независно и објективно и исклучиво во рамките на законот, водејќи се од принципот за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите како институција која е одговорна за обезбедување на владеењето на правото. Во рамки на сите средби кои ги остварив беше потенцирано значењето од исполнување на исклучително важниот мандат кој му е зададен на Јавното обвинителство со кое раководам. Во таа насока беше истакната сесрдна поддршка за непречено работење на ова Јавно обвинителство и очекување за професионална соработка со ова јавно обвинителство во рамки на законски пропишаните одредби од страна на сите надлежни институции како и потребата за давање на поддршка од страна на потписниците на Договорот од Пржино.
Во наведениот период учествував на повеќе работилници и конференции кои претставуваа можност за размена на најдобрите искуства и практики на теми кои се поврзани со делокругот на работење на Јавното обвинителство. На 22-ри март 2016 година како еден од говорниците учествував на меѓународна Конференција на тема “Ефективната борба против корупцијата на високо ниво: Прашање на личност или систем.” Имав можност како единствен претставник од Република Македонија на покана на Фондацијата Џовани и Франческа Фалконе да учествувам на 24-годишнината од смртта на Џовани Фалконе, која се одржа од 22-24 мај 2016 година во Палермо, Република Италија. На покана на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија учествував на Конференција на тема “Управување со сложени податоци во случаи на организиран криминал и корупција” која се одржа на 26-27 мај во Белград, Република Србија. Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка како еден од говорниците учествував на работилницата на тема „Зајакнување на отпорноста кон корупцијата и заробувањето на државата во Југоисточна Европа “ која се одржа на 14 јуни во Брисел, Белгија.
Воедно, сметам дека имајќи ја предвид заложбата на Република Македонија за почитување и инкорпорирање на меѓународните и европски стандарди сметам дека е важно да ја истакнам и Резолуцијата на Европскиот парламент (2015/2895(RSP)) од 10 март оваа година ја опфаќа работата на ова Јавно обвинителство и бара од сите политички субјекти и државни институции поддршка во работата на ова Јавно обвинителство. Во резолуцијата се нотира дека “е од суштинско значење за демократскиот процес во земјата на Специјалниот јавен обвинител да му се обезбеди целосна поддршка за исполнување на договорените надлежности и одржување на целосната автономност, како и да и се обезбедат сите ресурси неопходни за истражување на незаконитостите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. Воедно, се повикува да престанат опструкциите во судовите и од аспект на недоставувањето докази до Специјалниот јавен обвинител, и се повикува на поддршка за измени на Законот за заштита на сведоци со цел да се обезбеди автономност по однос на заштитата на сведоци за предметите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство”.
Во извештајниот период, за остварување на целите заради кои е формирано ова Јавно обвинителство, користени се и меѓународната правна помош и соработка по прашања кои се во доменот на нашата надлежност, а во согласност со законите и ратификуваните меѓународни договори, која се повеќе се интензивира. Меѓународната правна помош е од особено значење за ова Јавно обвинителство кога се во прашање финансиските истраги, односот помеѓу приватниот и јавниот интерес во правото, како и карактерот и видот на материјалите со кои располагаме.
- ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ
Во насока на реализација на моите законски обврски е и редовното информирање на јавноста за напредокот на мојата работа, врамнотежувајќи ги етичките и процедуралните обврски одредени со закон и јавниот интерес да се биде информиран за текот на истрагата и гонењето.
Јавното обвинитество доследно и во континуитет го почитува начелото на транспарентност на кое не обврзува и Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа насока и во извештајниот период редовно ја информиравме јавноста и одговорено е на сите прашања поврзани со делокругот на работа на ова Јавно обвинителство упатени од страна на медиумите кои без интервенција во содржината, се објавени во текстуална форма на веб-сајтот на Јавното обвинителство www.jonsk.mk. Воспоставена е мрежа на контакти со сите претставници на медиумите и сите медиуми редовно се известуваат за активностите и работата на ова Јавно обвинителство. Воедно, во континуитет во законски предвидените рокови се одговара на барањата доставени во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во оваа прилика потенцирам дека Јавното обвинителство со кое раководам во рамки на можностите останува достапно за соработка и отворено за јавноста како и за критиките кои имаат за цел поттикнување на поефикасна работа на Јавното обвинителство
- ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА И ИДНИ ПРЕДИЗВИЦИ
Ова јавно обвинителство и во текот на извештајниот период остана конзистентно во намерата да обезбеди независно, непристрасно и професионално водење на истрагите по однос на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Како Јавен обвинител за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите цврсто сум убедена дека на овој начин ќе успееме да обезбедиме почитување на начелото на еднаков третман на сите граѓани пред Уставот и законите. Превемајќи ја институционалната одговорност за воспоставување на владеењето на правото и во оваа прилика сакам да истакнам дека нашата работа е во интерес на Република Македонија и сите нејзини граѓани и нашата цел и мисија е да обезбедиме нивна полна доверба во институциите.
Основната задача на ова Јавно обвинителство е да утврди, кој, на кој начин и за чии и какви цели вршел незаконско прислушување во периодот од 2008-2015 година во Република Македонија. Мојот личен став и ставот на Јавното обвинителство со кое раководам е дека начелото на владеење на правото, како неопходен услов за правната сигурност на граѓаните, не смее да биде предмет на ограничувања и да се преземаат активности кои овозможуваат негова селективна примена или се насочени кон затскривање на вистината и успорување на правдата.
Препознавањето на интегритетот во целосно професионалното и одговорно постапување на ова Јавно обвинителство од страна на јавноста ни е од особено значење. Од овие причини цврсто сум убедена дека и во иднина граѓаните ќе продолжат да ја изразуваат поддршката за нашата работа.
Од исклучителна важност е Собранието да ја разгледа можноста за измена на членот 22 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите со кој што се утврдува рок од 18 месеци за покренување на обвинение или за запирање на истражната постапка.
Наведениот член мора да се измени и да се утврди нов оптимален рок бидејќи поради обемноста на предадените материјали на ова Јавно обвинителство ќе му треба повеќе време во целост да го оформи сознанието за индициите за кривични дела што ги содржат тие материјали.
Во претстојниот период очекувам од страна на Собранието да биде разгледана и Иницијативата за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци како еден од неопходните услови за уредување на постапката за заштита на сведоци по однос на предметите кои се од надлежност на ова Јавно обвинителство и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на Јавното обвинителство.
Истовремено, сметам дека Собранието во функција на остварување соодветна рамнотежа помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста е потребно да покаже подготвеност за доследно почитување на европските стандарди во однос на последното мислење на Венецијанската комисија и препораките кои укажуваат дека е потребно да се дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес како и прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на ова Јавно обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес.
Во наредниот шестмесечен период очекувам, пред се, во целост да се нормализира соработката со институциите и органите во земјата во рамки на законските овластувања, со цел да се овозможи непречена и ефикасна работа на Јавното обвинителство што е во интерес на правдата и на сите граѓани на Република Македонија.
Во оваа насока и покрај секојдневните предизвици со кои се соочува ова Јавно обвинителство во меѓуинституционалната соработка, истото нема да го обесхрабрат во одлучноста и посветеноста да ја исполни мисијата која му е доверена.