Во дворот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“ денеска е поставен камен темелник на новото тениско игралиште како дел од проектот „100 тениски игралишта“.
На почетокот на градежните активности на тениското игралиште присуствуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, Андон Дончевски, најпознатиот македонски фудбалски работник и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, нагласи дека продолжува поддршката на добрите спортски иницијативи.
– Како Агенција за млади и спорт, во партнерски однос со локалната самоуправа ќе продолжиме да ги поддржуваме добрите иницијативи за подобрување на условите за спорт, инфраструктурата и генерално, условите за живот во Република Македонија,рече Спасески.
Градоначалникот Ристески истакна дека локалната и централната власт посветуваат големо внимание на развојот на спортот и на спортските активности, а така, најави, ќе остане и понатаму.
– Со изградбата на тениското игралиште младите ќе добијат уште еден терен за спорт и рекреација. Средствата за изградбата на тениското игралиште се обезбедени од Агенцијата за млади и спорт и дел од буџетот на општина Прилеп.
Во архитектурата на проектот се опфатени поставување на т.н. тврда подлога за надворешни услови според стандардите на Македонската тениска асоцијација, со сертификат на Интернационалната тениска асоцијација-ИТФ. Теренот ќе биде опремен со стандардна тениска опрема и заграден со пластифицирана мрежа во висина од 3,4 метри. Исто така на четирите агли ќе бидат поставени челични столбови за осветлување на теренот за вечерна употреба.
Во прилпската гимназија „Мирче Ацев“ досега е инвестирано во обновувањето на дворното место, оградата, новите подови, во реконструкцијата на спортската сала, на новото мултинаменско игралиште. Ова е второ тениско игралиште во Прилеп.