Мастер клас со кинематограферот Џон Сил на ИФФК „Браќа Манаки“

Од:

Слободата на кинематограферите е најважниот сегмент во секој филм, вели светски познатиот кинематографер и ѕвезда-гостин на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“, Австралијанецот Џон Сил кој денеска во Битола одржа мастер – клас.

Пред учесниците – студенти, режисери, кинематографери и други претставници на филмската индустрија, во битолскиот Центар за култура искусниот Сил потврди дека има разлики во австралискиот и американскиот систем на подготовка на филмови, и дека во Австралија е поголема креативната слобода на кинематограферите.

– Во 50-те години од минатиот век, барајќи работа, почнав како каубој, користев една мала камера, но и чував неколку илјади овци на една фарма. Се вратив во Сиднеј и влегов во ТВ-АБЦ каде работев седум години и во најголем дел од времето снимав документарни филмови. Но, токму тоа помогна многу да научам. Тоа беше најдобриот тренинг кој ми обезбеди добра позиција за да продолжам со снимање филмови како самостоен кинематографер, појасни Сил за своите почетоци и љубовта кон камерата.

Џон Сил, кој е годинашен добитник на наградата златна „Камера 300“ за животно дело снимал насекаде во светот, со многу режисери и актери.

– Кога работите со актерите, каков што на пример е Харисон Форд, но и други…забележувате колку се тие едноставни, вредни и со нив многу лесно се работи. Во снимањето се соочувате со многу тешки кадри како што беше во филмот „Англиски пациент“ со Жулиет Бинош која според тоа што се гледа на филмското платно во рацете држи факел, но во стварност не е така. Таа беше испреплетена со многу електрични жици само за да успее ефектот, но тоа мора да се прави за да се реализира замислата на режисерот, раскажа Сил кој токму за филмот „Англиски пациент“ во 1996 година го доби првиот и единствен Оскар.

Кинематограферот Џон Сил, потписник на најновиот апсолутен светски хит „Лудиот Макс – пат на бесот“, лансиран по светската премиера на ланскиот Кан и според Светската федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ прогласен за најдобар филм во 2015 година, на мастер класот во Битола одговори и на бројни прашања од аудиториумот кој имаше ретка прилика да оствари директна средба со него.

Би можело да ве интересира

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамки на фестивалот нем и класичен филм

Осврт кон 43. ИФФК „Браќа Манаки“: Кинематограферска елита во Битола и одлична филмска програма

Горан Наумовски

„Извидник“ на Алекс Цветков утре го затвора „Браќа Манаки“

Наум Локоски

Оддадена почит на гробот на Милтон Манаки

Наум Локоски

Отворен фестивалот „Браќа Манаки“, Клаудија Кардинале продефилира на црвениот тепих

Наум Локоски

Клаудија Кардинале пристигна во Битола

Наум Локоски