Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ Мила Царовска продолжува да ја замајува јавноста додека во позадина технички назначената министерка вторпат почнува да врши најгруба партизација на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во кое во првиот мандат во седум месеци немаше ниту еден единствен проект од корист на граѓаните, туку напротив, имаше стотици блокирани проекти во обид да го блокира во целост функционирањето на МТСП.
Ова е реакцијата од Кабинетот на дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика по денешната изјава на Царовска која се сретна со текстилните работнички – членки на здружението „Текстил“ од Штип.
– Обидите на Мила Царовска, како и оние на Фросина Ременски биле и ќе бидат јалови. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има бројки зад своето работење кои сведочат за трудот и за реализираните мерки и проекти, наведува Кабинетот, изнесувајќи неколку споредби со опозициската СДСМ во однос на сработеното.
Според Кабинетот на дополнителниот заменик, просечната нето плата во производството на текстил и текстилни производи во 2005 година била 5.344 денари, а во производство на кожа и слични производи од кожа 1.704 денари, додека во 2016-та просечната нето плата во производството на текстил била 15.356 денари, во производството на облека 12.695 денари, а во производство на кожа и слични производи од кожа 11.571 денар.
– Тоа се бројките кои ниту една манипулација или лага на Царовска, Ременски или кој било од СДСМ не може да ги избрише. Во време на СДСМ не постоеше минимална плата. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја воведе, има континуиран раст и во моментот изнесува 10.080 денари, наведува Кабинетот.
Во времето на СДСМ, подвлекува Кабинетот, невработеноста беше рекордно висока, 38 отсто.
Благодарение на работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денес е рекордно ниска, 24 отсто, се донесе Закон за заштита од вознемирување на работно место, се зајакна улогата на Еконономско социјалниот совет како трипартитно тело за промовирање на колективното договорање и социјалниот дијалог, донесени се 20 правилници за безбедност и здравје при работа, синдикатите учествуваа и даваа свои забелешки и мислења за сите досегашни измени на закони како што се измените на Законот за работните односи, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, Законот за европските работнички совети и други на кои им претходеше опсежна анализа која се работеше заедно со социјалните партнери, се усвои и Законот за трансформација на работниот однос со кој, меѓу другото, се предвидува трансформирање во работен однос на неопределено работно време да се применува и за лицата кои имале прекин на договорот со кој биле ангажирани за извршување работа поради бременост и/или раѓање, а имаат важечки договори во моментот на трансформирање на работниот однос,…
– Се што ќе кажат во период на предизборието пред сигурниот пораз, никој нема да го сфати сериозно бидејќи долго е сеќавањето на граѓаните за владеењето на СДСМ и добро се отворени очите на народот за да се видат попустите обиди на оваа партија преку манипулирање на гласачите и создавање кризи да остварува лични и теснопартиски интереси, наведува Кабинетот на дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика.