Тринаесет нови наслови беа промовирани денеска во рамки на Проектот „Превод на стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
Заменик – министерот за образование и наука Спиро Ристовски информираше дека станува збор за книги од природно математичката област, економијата, маркетингот машинството и електротехниката, биотехнологијата, земјоделството и ветерината, правото, филозофијата и филологијата, медицината, стоматологијата и фармацијата.
– Меѓу насловите кои ги промовираме денеска е и книгата „Котлер за маркетингот“, напишана од еден од највлијателните автори од областа на маркетингот – Филип Котлер. Всушност, тој се смета за основач на модерниот маркетинг, затоа што ги редефинира основните концепти на материјата. Како најчитан и најнаградуван светски експерт за маркетинг, преку проектот 1.000 книги, преведени се неколку негови книги, истакна заменик-министерот за образование Ристовски.
Досега вкупно 990 книги од најрелеватните и реномирани светски автори се преведени и издадени преку овој проект.
– До реазлизацијата на првичната замисла за овој проект, преостануваат уште 10 наслови за превод и промоција, рече заменик министерот најавувајќи дека проектот е проширен со превод на уште 200 дополнителни наслови.
На денешната промоција на нови наслови од овој проект присуствуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
– Денеска се промовираа 13 нови книги и со тоа се дојде до бројката на 990 издадени и промовирани и дистрибуирани книги низ библиотеките ширум Македонија. Наскоро следува промоција на десет нови книги и со тоа ќе се заокружи бројката од ветени и со тоа реализирани 1.000 книги, учебници што се користат на десетте најрангирани универзитети во светот, а во областа на правото највисоко рангираните универзитети во земјите со континентално право како Германија и Франција, рече Груевски.
Тоа, како што кажа, е голем проект што служи на многу студенти, асистенти, професори, магистранти и докторанти.
– Ова е револуција во нашето образование во смисла на достапност на литература на македонски јазик која што во минатото не беше достапна вакви книги, вакви учебници во минатото беа вистинска реткост во Македонија веројатно од причина што сме мал пазар и не им остава доволно простор на издавачките куќи да бидат сигурни дека преведувањето и издавањето ќе има доволно комерцијална реализација. Од таа причина беше потребна интервенција во државата, рече Груевски.