Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека повеќе пати со факти ја информира јавноста дека не се точни, како што наведуваат, клеветите, манипулациите и дезинформациите изнесени од дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски за (не)чистењето на каналите и за незаконско исплатени три милиони евра и делење тендери на фирми блиски на власта, како и дека министерот Михаил Цветков во времето на склучување на договорот со Силекс Неметали, не бил член на УО на Силекс АД Кратово.
– Министерот Цветков веднаш по стапувањето на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поднесе оставка до Собранието на АД Силекс. Но, бидејќи Собранието обично се состанува еднаш годишно, Цветков дополнително и до Државната комисија за спречување на корупцијата достави нотарски заверена изјава дека не е повеќе член на овој Одбор со што е запазена законската процедура, се посочува во реакцијата од МЗШВ.
Воедно, се посочува дека за тоа кои фирми ќе ги чистат каналите било одредено на тендер со јавна електронска аукција, а договорите биле склучени со оние кои дале најповолни, односно најниски цени.
– Секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации покрај надзорот се потпишани од изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ. Покрај законската постапка која е спроведена во целост, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формираше Комисија за проверка на изведените работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и наводнување во чии состав покрај членовите од МЗШВ има и членови од други надлежни државни институции, се наведува во соопштението.
Дополнително, се нагласува, формираната комисија беше на терен, состави писмен извештај поткрепен со фото документација со што се потврди дека сите економски оператори ги извршиле активностите согласно условите во договорите.
– Целиот процес е воден согласно сите законски процедури што се гледа и од ревизорскиот извештај, каде што не е наведено дека средствата се исплатени неправилно, незаконски и не е наведена сума на злоупотребени средства. А, дека МЗШВ не дели тендери на фирми блиски на власта, ниту пак прави поделба по било која основа може да се види и од фактот што во три од последните пет години, за голема сума на пари, каналите ги чистеше и фирмата блиска до кланот на Заеви, АДГ Палагонија Струмица. Како што може да се види од официјалните податоци АДГ Пелагонија Струмица добила 5 (пет) тендери и на нејзината сметка, за исчистените канали се исплатени безмалку 36 милиони денари. Тоа е 20% од, според Љупчо Николовски и СДСМ, „сомнително и незаконско исплатените околу 3 милиони евра, наведуваат од МЗШВ.
Николовски, се посочува во реакцијата, го премолчува овој факт што не му одговара, бидејќи на најдобар можен начин потврдува дека тендерите за чистење канали не се делат ниту по партиска, верска, национална, ниту по каква било друга основа, туку ги добиваат фирми кои ќе дадат најповолни (односно најниски) понуди.