„Деновиве повторно се најавува зголемен број на мигранти од Сирија, Авганистан и Ирак, како и можна безбедносна криза и нарушување на стабилноста на Република Македонија, поради голем прилив на бегалци.
Ваквите најави можат да бидат силно оружје на Владата за бројни манипулации, па и основа за одложување на изборите.
Состојбите се доста конфузни и поради најавите на некои земји членки на ЕУ (Унгарија и Австрија), дека бегалците треба да се држат подалеку од нивните граници. Во пракса ова би значело можните “судири” со нив да се одвиваат на Македонско -Грчката граница.
Ова е позната историска теза и пракса, евентуални конфликти па и вооружени судири, да се проектираат и контролирано насочуваат на туѓи територии.
Поради ваквите најави, Демократскиот сојуз, укажува на потреба од исклучителна претпазливост и при градењето на стратегијата за постапување со бегалците да се води сметка за нашите национални интереси, како и целосно почитување на меѓународните конвенции и хуманитарното право за третманот на бегалците.
Во секој случај, сите активности и мерки треба да се усогласуваат со соседните држави и ЕУ, а не поодделно со земји членки на ЕУ“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.