„Нема да дозволам никој да биде над законот и да се однесува како што сака. Затоа денеска потпишав налог за ревизија за сите предмети во општина Центар кои се поврзани со инвеститорот Вељко Хршум“, вака одговори градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на синоќешната средба со жителите на Водно, кои побараа да се стави крај на самоволието и, како што тие тврдат, незаконското градење од Хршум.
Ревизијата, рече Жерновски, ќе покаже дали се легализирале дивоградби и дали се издавани незаконски дозволи за градба.
„Доколку се покаже инволвираност, нема да биде поштеден ниту еден вработен во општина Центар. Ако не го санционираме незаконското работење, тогаш граѓаните со право ќе кажат дека сите сме исти”.
Ова беше дел од разговорите на Жерновски на средбата со жителите на Водно, каде во последните две недели целосно се реконструирани улиците „Партениј Зографски“ и „Христо Чернопеев“, претходно нов изглед добија улиците „Тасино Чешмиче” и „Георги Скрижевски“.
Во план е реконструкција и на улиците „Караорман“, „Ганчо Хаџипанѕов“, „Капиштец“, како и преостанатиот дел од „Питу Гули“.
„На улицата “Христо Чернопеев” поставена е атмосферска и фекална канализација, како и нова водоводна цевка. Не верував дека на Водно постои улица без канализација“, рече Жерновски.
Жителите на Водно говореа отворено и бараа решавање на проблеми со сметот, осветлувањето и игралиштата. Договорено е се’ да се решава заеднички.