Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска и утре, ќе учествува на Конференција на министри за надворешни работи од Југоисточна Европа, што во организација на Институтот АСПЕН, се одржува во Берлин.
На Конференцијата, Попоски ќе има свое излагање во рамките на панел дискусијата на министрите за надворешни работи, насловена „Quo Vadis, Западен Балкан?“, на која ќе се осврне на моменталната состојба во евроинтегативниот процес на Македонија.
Свои обраќања на панелот се очекува да имаат и министрите за надворешни работи на Германија, Унгарија, Турција, Словенија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Хрватска.
За време на Конференцијата ќе се одржи и втор економски панел насловен „Регионалната соработка и економските можности за развој во Југоисточна Европа“, а предвидени се и два модула за „Етничко малцинство, идентитет и помирување во Југоисточна Европа“ и „Проценка на моменталната состојба со евроатлантските интегративни процеси.“
Конференцијата е продолжување на праксата на АСПЕН Институтот за организирање на редовни меѓународни конференции за процесите и предизвиците на евроинтегративните процеси во земјите од Западен Балкан.