На 30 август (вторник) во 21 часот, во клубот Ла Кања во Старата скопска чаршија ќе се одржи промоцијата на новиот роман на Лидија Димковска, насловен „Но-Уи“. Се работи за нејзино трето прозно издание, по „Скриена камера“ од 2004 година и наградуваниот „Резервен живот“ од 2012 година (Европска награда за литература, Стале Попов на ДПМ), чии промотори ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Ристо Лазаров. Со оваа промоција „Или-или“ го продолжува работното лето, во чии рамки досега ги организираше гостувањата на словенечкиот автор Горан Војновиќ (Југославијам, моја дежела), унгарската писателка Кристина Тот (Аквариум) и полскиот автор Мариуш Шчигел (Готленд). Интересно, Димковска во февруари годинава, по седумгодишна пауза, ја издаде својата нова збирка поезија „Црно на бело“.
За новата книга на Димковска напишааа:
Чудесна проза! Еве ја одново одличната Лидија Димковска чие око вешто ги пронаоѓа како големи и ги става во преден план малите човечки судбини кои потресно ја ткаат возбудливата таписерија на животот. Во цврста структура што им се спротивставува на бурните историски настани и премрежија, колку далечни, толку и сегашни, приказната на една баба и една внука, лоцирана низ повеќе десетлетија со шарм на спокојна едноставност и со моќ на судбинска неминовност, во оваа проза го добива заслужениот химничен призвук, напиша Оливера Николова
„Но-Уи“ е првиот вистински винтиџ роман во високата прозна мода во македонската книжевност. Љубов – втемелена во броени зборови во телеграма. Стоп. Јазик – поробен од молк. Стоп. Заборавен од преголемо сакање. Стоп. Низ речениците се војва девојка која плаче по споменик како по момче; жена која со венчаница во куфер оди на крајот на светот по маж; баба која пие две мориња, Јадранското и Тиренското, налеани во очите на дедото на нејзиниот живот и на нејзината смрт. И сето тоа, „за инает“ и на книжевноста и на модата на големите светски јазици“, вели Оливера Ќорвезироска
„Но-Уи“ е чудна или поправо, чудесна комбинација на времиња – од раѓањето на фашизмот до неговото воскреснување: парталосани, па сошиени времиња. Времиња во кои иронијата секогаш е поголема од животот. Времиња во кои двајца животни сопатници можат да имаат различни мориња по кои пловат и бродови натоварени со илузии, за кои во својот „Туѓинец“ пишува и Ками, пишува Ристо Лазаров.