Високиот воен совет на Турција денеска одлучи да испрати во пензија 586 полковници, соопшти телевизија „ХаберТурк“, пренесува ТАСС.
Според истиот извор, на 434 полковници им е дозволено да ја продолжат службата уште две години. Документот веќе е одобрен од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Освен тоа, претседателот бара да се скрати рокот на служба на офицерите до 28 години за да се намали бројот на војници со високи чинови, соопшти електронското издание на весникот. „Милиет”, повикувајќи се на соопштение на министерството за одбрана.
По обидот за преврат на 15 јули, властите на земјата почнаа масовни чистки на државниот апарат и приватните структури од членови на таканаречената „Фетхулистичка терористичка организација” (ФЕТО), која се смета за организатор на превратот.
Во моментов, 16 илјади лица се во притвор под обвинение за врски со организацијата на исламскиот проповедник Фетхулах Ѓулен. Над 81 илјади државни службеници се суспендирани од работа или отпуштени.
Над три илјади војници, вклучувајќи 150 генерали и адмирали, се лишени од рангот и функцијата во вооружените сили.