Завршија археолошките истражувања на локалитетот Дрма-Бадер кај село Бадер, Скопско, соопшти Министерството за култура.
Истражувањата кои се дел од Програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата на Министерството за култура, ги спроведоа ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, а учество земаа и професори од катедрите за археологија при Универзитетите, „Гоце Делчев – Штип“ и „Св. Кирил и Методиј – Скопје“, како и археолози од Археолошкиот музеј на Македонија, Музејот на Град Скопје и студенти по археологија.
Спроведените сондажни истражувања биле во насока на утврдување на габаритот на еден поголем архитектонски комплекс, во чии рамки беа откриени еден стопански дел од поголем објект и една градба со апсида.
Врз основа на наодите објектот припаѓа на римскиот период, односно III и IV век. Во рамки на овие истражувања биле откриени и значајни наоди како римски монети, предмети од метал и стакло, при што се издвојува откритието на една оловна икона со претстава на „Култ на Дунавски коњаник“, како и големо количество градежен материјал и фрагменти од керамички садови.
Археолошкиот локалитет „Дрма – Бадер“ претставува вистински предизвик за научната и стручна јавност, со оглед дека топонимот е во врска со Бадеријана – родниот град на императорот Јустин I кој владеел од 518 – 527 година, и кој бил наследен од неговиот внук Јустинијан I, чие место на раѓање е соседниот локалитет Таор кај с. Таор, стои во соопштението.