Општина Вевчани од денеска до петок ќе биде домаќин на шестиот фестивал на народна култура „Пображење“. Организатор е Културно-уметничкотото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
– Целта на овој фестивал е да ја презентира македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање на културата и традицијата од други земји низ светот, да ја збогати туристичката понуда на Вевчани. Вевчани отсекогаш бил достоен чувар на македонската традиција, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, па токму затоа и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон културното наследство на Вевчани и Македонија, изјави претседателот на КУД „Дримкол“ од Вевчани Тошо Чочороски.
Годинава покрај КУД „Дримкол“- Вевчани, на фестивалот учествуваат и ФА „Китка“ – Истибања, КУД „Илинден“ – Струга, ФА „Ловеч“ – Ловеч, Бугарија, ФА „Сиух и Виух“ и „Керутајад“ – Паиде, Естонија, КУД „Ѓердан“ – Ваљево, Србија, КУД „Весели Пензионери“ – Пробиштип, КУД „Ѓердан“ – Охрид, КУД „Типопластика“ – Горни Милановац, Србија и ФА „Пжировские Нутки “ – Пжирув, Полска.
Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. д-р Мирјана Мирчевска, проф. д-р Велика Стојкова – Серафимовска, проф. д-р Даворин Трпевски, м-р Ивона Татарчевска – Опетчевска, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли кои ќе презентираат изворен фолклор. За најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на изворната традиција“.
Фестивалот завршува на 19 август со настап на познатиот македонски чалгиски бенд „Чалгии“ од Скопје.
Покрај сценско-уметничката презентација на хорската, инструменталната и вокалната култура, во рамки на фестивалот ќе се одржи и стручен дискурс на тема: „Обредноста во Вевчани -Пображење“. Предвидено е да учествуваат еминентни професори, стручњаци и луѓе од праксата.
Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.