Помошта собрана на првиот ден од акцијата за донации на поплавените подрачја од граѓаните на Делчево, организирана под мотото „Делчево за Скопје“ од страна на ОО на Црвениот крст ќе биде доставена денеска попладне до магацините на републичкиот Црвен крст во Скопје.
Според секретарката на ОО на Црвениот крст Делчево Невенка Христова, на првиот ден од акцијата се собрани еден тон вода, 600 килограми храна, 700 килограми средства за хигиена и 20 илјади денари парични средства.
– Во донаторската акција „Делчево за Скопје“ на првиот ден се вклучија околу 30 граѓани кои самостојно донираа парични средства или вода, храна, хигиенски средства, додека 12 фирми од Делчево учествуваа со свои донации. Волнотери денеска вршеа селекција на донираните артикли и нивно соодветно пакување, рече Христова.
Таа упати апел до граѓаните на Делчево да продолжат со донациите, посебно да донираат конзервирана храна, хигиенски средства, вода и храна за бебиња.
– Во текот на денешниот ден, според јавувањата од фирмите и граѓаните, очекуваме двојно да се зголеми количината на донираните артикли. Граѓаните донираа и облека, која според инструкциите, ќе биде допонително испратена, бидејќи во овој момент најпотребна е храната, водата и хигиенски средства, рече Христова.
Акцијата за собирање средства за настраданите од поплавите ќе продолжи и во текот на неделава, а просториите на Црвениот крст во Делчево ќе бидат отворени до 15 часот.