При вчерашната посета на Волково, во општина Ѓорче Петров, каде се пријавени оштетувања од поплавите по поројниот дожд, градоначалникот Сокол Митревски кажа дека владата повлекла 1,5 милиони евра предвидени за канализација со ребалансот на буџетот.
Градоначалникот Митревски истакна дека во најголем дел станува збор за оштетени подруми со потпорни ѕидови и покуќнина.
Според него, за целосно решавање на проблемот со надојдени води потребно е целосно да се заврши канализацијата во овој дел од општината за што ќе бидат потребни 1,5 милиони евра.
Тој посочи дека Владата веќе ги одобрила овие средства за доизградба на канализацијата, но оти со ребалансот на буџетот им биле одземени.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој со министри од владата беше во Волково посочи дека ребалансот на буџетот е последица токму на политичката криза поради што мора да бидат реалоцирани одредени средства.
За прашањето за доизградбата на канализацијата во Волково, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски рече дека средства за оваа намена ќе бидат обезбедени со буџетот за следната година.
Жителите на Волково побараа и да се асфалтираат повеќе улици во ова населено место.
Градоначалникот Митревски информира дека една улица е во план да се асфалтира заклучно со ноември.
Министерот Мисајловски вети дека и неколку улици ќе бидат асфалтирани наредната година за што ќе биле предвидени средства за буџетот во следната година.
Дел од жителите изразија мислење дека со изградбата на обиколницата се соочуваат со проблем со атмосферските води и оти е потребно тоа да се реши.
Мисајловски инфомрираше дека на седница на Влада веќе се донесени одлуки во однос на обиколницата за нејзина рехабилитација и за изградба на ободен канал кој целосно ќе го реши проблемот со атмосферските води.