Превртени, заглавени и оштетени возила, целосно уништен род, наноси земја и свлечишта по патиштата, е сликата во најкритичните точки близу скопската обиколница кои беа најпогодени од синоќешното невреме.
Увид во состојбите попладнево направи претседателот на државата и врховен командант Ѓорѓе Иванов, придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и од претставници на полицијата.
Тие го информираа дека најевидентни се штетите во Стајковци и Црешово, каде е во прекин и дел од обиколницата. Банкината наместа е искривена, а неколку метри се вози по наноси земја, наместо по асфалт. Механизацијата е максимално ангажирана за расчистување на теренот со цел обезбедување непречено движење на возилата и населението.
Претседателот Иванов изрази сочувство и жалење за жрвите од невремето, како и за повредените. Информира дека на терен се 400 припадници на АРМ и 300 полицајци кои поделени по региони им помагаат на локалните жители.
Апелира граѓаните да помогнат и на веќе отворените пунктови да донираат вода, храна…
зашто сега, како што потенцира, е момент за хуманост. Се очекува, додаде, да биде прогласен и ден на жалост, а ќе се отворат и жиро сметки каде ќе може да се донираат финансиски средства за санирање на штетите.
– Досега ваква непогода не се случила. Штетите се огромни, но тие ќе се надоместат, а изгубените животи не може да се вратат. Ги повикувам сите граѓани да помогнат бидејќи сега тоа е најнеопходно. Летен период е, можни се многу непријатности. Понудена е медицинска помош, како и помош од сите институции. На најпогодените места каде моментно се наоѓаме, уништени се многу домови, како и инфраструктура, изјави Иванов.
Според претседателот, кризниот менаџмент е активиран, а Владата заседава.
Иванов кој ја посети и населбата Сингелиќ, по што продолжи во останатите најкритични точки од овој регион, нагласи дека како врховен командант презема се што е во негова надлежност и така ќе продолжи, институцијата Претседател максимално ќе се ангажира во рамки на нејзините ингеренции.
– Ваква елементарна непогода не се памети повеќе од 40 години. За жал, изгубени се и човечки животи. Се преземаат сите можни мерки за справување со последиците од невремето, истакна градоначалникот Трајановски.
Клучна причина поради која се предизвикани огромни штети во Стајковци и Црешево, рече, е конфигурацијата на теренот. – Неколку сливни подрачја доаѓаат токму на овој дел. Од огромната количина дожд, голем дел е истурен во овие подрачја. Нема начин на кој човек може ова да го предвиди и да се спаси од вакво нешто, истакна Трајановски.
Тој посочи дека се работеше цела ноќ и се уште се работи, со полицијата, со војската. – Ангажирани се сите ресурси, механизацијата, цистерни. Основно беше да се овозможи движење на населението. Цело време ќе бидеме тука, на терен, ќе им помагаме на луѓето, рече градоначалникот.
Во текот на обиколката во погодените подрачја, надлежните објаснија дека од десната страна на скопската обиколница што води кон клучката Црешево – Стајковци преполн е специјално направениот базен за собирање вода, длабок 20 метри, што укажува, рекоа, на јачината на невремето што го зафати Скопско.