Универзитетската клиника за очни болести денеска со соопштение најостро ги демантира тврдењата изнесени на прес-конференција на СДСМ.
– Одговорно тврдиме дека оперативниот блок во нашата ЈЗУ не е затворен и работи со редовен оперативна програма. Исто така, демантираме за наводно загадување на препаратот авастин, зашто тој се користи исклучиво по строг медицински и светски утврден протокол, стои во соопштението од Клиниката.
Универзитетската клиника за очни болести, исто така, демантира дека досега постојат 15 оперирани пациенти кои се соочуваат со сериозна инфекција на очите, како што беше изнесено на прес-конференцијата.
– Исто така, одлучно ги негираме изнесените тврдења за т.н несоодветни болнички услови и податокот дека во нашата клиника се употребуваат т.н загадени препарати за очи, стои во соопштението.
Како што се наведува, само кај неколку пациенти е забележана компликација по спроведени третмани и тоа веднаш е пријавено до соодветните надлежни институции.
– За таа цел, веднаш беше формирана Комисија за стручен надзор, преземени се сите потребни превентивни мерки и пациентите се во добра општа состојба, се посочува во соопштението од Клиниката.
Од Универзитетската клиника за очни болести истакнуваат дека работат вообичаено без прекин на оперативниот програм.
– Крајно сме изненадени од изнесените невистини на денешната прес- конференција на опозициската политичка партија и тоа токму во период на најголем позитивен резултат од работењето на Клиниката, стои во соопштението.