Пропаѓа ли проектот на првиот лустратор, Томе Аџиев и дел од Лустрациската комисија?
Управниот суд за еден месец поништи 17 решенија со кои личности од јавниот и општествениот живот беа прогласувани за кодоши или соработници на тајните полициски служби.
200 лица беа прогласени за соработници на тајните служби.
Првиот човек на комисијата за лустрација, изјави дека Управниот суд на Македонија, сериозно ја поткопал работата на комисијата, со поништување на дел од нејзините решенија, објави Balkan Insight
Томе Аџиев, претседател на државната комисија за лустрација, институција со задача да ги искорени поранешните соработници на тајната полиција, го обвини Управниот суд дека донел одлуки со „чудно“ образложение, кои можат да ја поткопаат целата работа на комисијата.
„Само во текот на овој и минатиот месец, добивме 17 решенија со кои се поништени нашите одлуки и кои се донесени по цела година чекање во судските фиоки. Најверојатно ќе бидат поништени и сите останати решенија, 40-тина кои се обжалени пред судот“, изјави Аџиев.
Поништувањето на одлуките за лустрација од страна на Управниот суд, правно гледано, значи дека овие одлуки никогаш не постоеле.
Во август минатата година, откако се соочи со критики од Брисел, комисијата одлучи, со почетокот на оваа година, официјално да стави крај на, во голема мера, спорниот процес на лустрација.
Сепак, таа не ги укина санкциите што им беа изречени на повеќе од 200 лустрирани лица.