Италијанската полиција уапси шест лица, кои се осомничени за киднапирање на сметководителот на поранешниот премиер Силвио Берлускони и обид за изнуда на пари.
Џузепе Спинели и неговата сопруга биле држени како заложници цели 11 часа минатата недела во Милано, соопшти денеска полицијата.
Според информациите на полицијата, вооружените разбојници од Берлускони побарале исплата на 35 милиони евра во замена за слободата на неговиот соработник и документите кои наводно би можеле да му помогнат во еден од процесите, кој се води против него пред италијанскиот Суд. По разговорот со адвокатот на Берлускони, киднаперите ги ослободиле сметководителот и неговата сопруга.
Киднапирањето е пријавено во полиција дури 24 часа откако се случило, а досега не се откриени причините за извршеното кривично дело. Според полицијата, Берлускони не платил ниту цент за спасување на сметководителот, иако во локалните медиуми се шпекулира дека поранешниот премиер издвоил осум милиони евра за слободата на Спинели и неговата сопруга.