Балкан петролеум оставал работници на улица, што ќе се случи со вработените во Макпетрол?

Од:

Повеќе од 2 000 вработени во Макпетрол и нивните семејства, по години и децении стабилност во најголемата македонска нафтена компанија, деновиве живеат во неизвесност. Преземањето од страна на анонимната офшор фирма „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“, на чие чело се луѓе кои во минатото се поврзуваат со пропаѓањето на слични компании во Романија и Украина, разбирливо, ги загрижи вработените.

Израелецот Ури Бидер, кој се појавил на акционерско собрание на Макпетрол во јуни, во 2003 година ја презел романската рафинерија „Рафо“, по што уследило брзо пропаѓање на компанијата, а илјадници работници се нашле на улица. За да биде ситуацијата уште посомнителна, Бидер и тогаш користел компанија со речиси идентично име: „Балкан Петролеум“.

Во име на БПХЛ, во македонската јавност досега се појави единствено Александар Каплан, кој пред две години бил директор на компанијата „Ветек“, сопственост на контроверзниот украински бизнисмен Сергеј Курченко. Курченко, за кој украинските власти велат дека ја оштетил државата за преку 40 милиони евра е на црната листа за влез во Европската унија, поради матни зделки, корупција и избегнување данок.

Ако се имаат предвид овие информации, разбирлива е загриженоста кај вработените во Макпетрол дека слично сценарио се подготвува и во нивната компанија. Макпетрол издржува вкупно околу 2 000 семејства – 1 800 во главната компанија, околу 100 луѓе се вработени во телевизијата Телма, а педесетина во Га-Ма, компанијата за дистрибуција на гас во која Макпетрол е акционер заедно со државата. Само за даноци и придонеси за вработените, нафтениот гигант исплаќа околу пет милиони евра секоја година. Оттаму, очигледна е штетата која би ја трпеле не само работниците, туку и државата, во случај во Макпетрол да се повтори романското сценарио со „Рафо“.Макпетрол лани за сите давачки кон државата издвоил околу 174 милиони евра, пари кои во случај на престанок на компанијата со работа, повеќе не би се слевале во државниот буџет.

Синдикатот на работниците во трговијата, чиј член е Макпетрол, веќе реагираше, барајќи од државните институции да испитаат кои се всушност вистинските сопственици на „Балкан Петролеум“ и од каде доаѓаат парите со кои тие сакаат да влезат во нафтениот бизнис во земјава. Реагираа и експертите за работни односи, кои истакнаа дека вработените во Макпетрол мора да ги имаат сите информации, но и да бидат консултирани во целиот процес.

„Консултациите треба да се направат во вид на добивање одговори за секое прашање што би го имале работниците а е во насока на заштитата на нивните работни места, како и подготвување на документ/договор во кој јасно ќе се опишани условите со кои се согласуваат работниците во случај на промена на сопственоста. Без мислењето како и согласноста од страна на синдикатот, било какви промени ќе можат да се оспорат во релевантните судски институции. Работниците во Макпетрол не се без заштита и тие мора да бидат свесни за тоа“, изјави неодамна Милан Живковиќ од фондацијата „Фридрих Еберт“.

Наспроти ова, ниту една државна институција – ниту Финансовата полиција, ниту Агенцијата за финансиско разузнавање, ни Регулаторната комисија за енергетика досега не се одважија да ги истражат сомнителните бизнисмени од „Балкан Петролеум“. Сè уште молчат и во Комисијата за хартии од вредност, која ја врати на доработка првичната понуда на „БПХЛ“ за преземање на Макпетрол.

Би можело да ве интересира

Работилница на „Макпетрол“ за родители против врсничко насилство утре ќе се одржи во Куманово

Признание за „Макпетрол“ како еден од најголемите поддржувачи на СОС Детско Село

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

А1он

Каратистите на „Макпетрол” ја отвораат сезоната со учество на светската лига во Атина

„Макпетрол“: Ученици од 40 училишта се здобија со знаења за врсничкото насилство

Три медали за каратистите на „Макпетрол” на Балканското првенство во Љубљана