Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) донесе одлука да не ја отстрани целата руска репрезентација од Олимписките игри во Рио кои стартуваат на 5 август, се наведува во соопштението на ИОК по состанокот на неговиот Извршен комитет, денеска во Лозана.
Иако, Светската антидопинг-агенција (ВАДА) побара од ИОК, спортистите од Русија комплетно да бидат суспендирани од Олимијадата, поради користењето на допинг изминатите години, сепак ИОК не го прифати ваквото барање и донесе одлука секоја меѓународна спортска федерација посебно да одлучи кои руски спортисти ќе бидат дисквалификувани од Игрите.
Претходно, Меѓународната атлетска федерација (ИААФ) донесе одлука атлетичарите од Русија да не настапат на Олимписките игри, а во четвртокот Судот за спортска арбитража ја отфрли жалбата на Олимпискиот комитет на Русија и ја остави во сила одлуката на ИААФ.
Засега нема најави од останатите светски спортски федерации дека ќе има забрана за настап на руските спортисти на Олимписките игри во Рио.