Утрово почина Димитар Мирчев, македонски универзитетски професор, професор Емеритус по политички науки, редовен член на Европската академија на науки и уметности во Оделот за општествени науки, право и економија и поранешен амбасадор на Република Македонија во Словенија.
Мирчев е роден во Сливен, во 1942 година. Основно и средно образование завршил во Скопје, а високо на Правниот факултет во Белград. Специјализирал методологија на општествени науки на Универзитетот во Брадфорд, Велика Британија, магистрирал во Скопје, на политички науки, на тема „Изборниот процес во Англо-саксонските земји“. Докторирал на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Љубљана, на тема од политички науки, „Критика на граѓанските теории на партиципацијата“, а бил и на пост-докторски претстој на Школата за јавни работи и меѓународни односи на Универзитетот во Питсбург, САД.
Димитар Мирчев извршуваше важни функции во политичкиот живот на Македонија, беше основач на Младата демократска странка, на Македонскиот совет на Европското движење и еден од обновувачите и член на Либералната партија на Македонија.