Граѓанска иницијатива „АРСЕНА“ и Здружение на граѓани „ПАТОКАЗИ“ – Гевгелија во рамките на проектниот ангажман за обезбедување здрава и чиста вода за Гевгелија и населените места вчера во Гевгелија организираа јавна промоција на документарниот филм „Арсеновиот пат од бунар до чешма“.
Информацијата од Арсена ја пренесуваме во целост:
Арсенот во гевгелискиот водоводен систем, неговото потекло и заканата по здравјето на граѓаните во концентрации поголеми од 10 микрограми на еден литар вода, пропишани стандарди според Светската здравствена организација, е главна тема на документарниот филм.
Во филмот се користени документирани материјали од теренските акции на „АРСЕНА“, искажувања на граѓани корисници на водоснабдителниот систем од Гевгелија, Богородица и Моин, резултати од анализи на примерок вода од гевгелискиот водовод извршени во лабораторијата на ЈЗУ „Институт за јавно здравје на РМ“ и анализи од меѓународна лиценцирана лабораторија од Солун, Република Грција, како и научни сознанија од областа на арсенот и влијанието врз човековото здравје од СЗО и Научната Академија на САД.
Изминаа точно три години и десет месеци од забраната за употреба на водата од бунарите кај Моин со кои се снабдува Гевгелија. Локалната власт, јавното комунално претпријатие и надлежните државни тела молчат или го негираат проблемот со арсенот во гевгелиската вода. Дали се граѓаните безбедни?
Во отворената дебата после проекцијата на филмот Тихомир Ручкоманов од Гевгелија посочи дека во случајот најзагрозен од арсенот како долгоприсутен проблем е токму градот Гевгелија. Тој искажа сомнеж за новото решение што го најавува Општината, ископ на нови бунари, на локација одалечена само 50 метри од постојните бунари со кои сега се снабдува Гевгелија со вода. За арсенот е потребна поширока јавна дебата поради збунувачките пораки до јавноста: едни велат не пиете ја водата (АРСЕНА после секоја нова анализа за квалитетот на водата и утврдената концентрација на арсен), други велат пијте ја (Општината која прво тврди дека арсен во водата нема, а потоа вели дека е петтовалентен и малку отровен н.з.). И треба да се знае, освен бунарите, загадување од тешки метали има и поради стариот цевковод за водоснабдување. Некаде се користени поцинкувани цевки кои исто така можат да придизвикат загадување, изјави Ручкоманов, инаку вработен во ЈПКД „Комуналец“, а пред присутните се обрати како загрижен граѓанин.
Благој Стојанов, стопанственик од Гевгелија искажа сомнеж дека е можна јавна дебата и преговори со надлежните за најсоодветно решение за проблемот со арсенот, кога тие сиве години го негираат проблемот, ги негираат граѓанските иницијативи оставајќи ги граѓаните сами да се снаоѓаат. Што ако се распише референдум и граѓаните се изјаснат дека „Сакаат чиста вода“. Дали и тогаш ќе го негираат проблемот? Науката оди напред има решение за елиминација на арсенот. Ако се сомнителни ископите што ги најавува општината за кои не сме чуле резултат каква вода нашле и со каква концентрација на арсен, тогаш постојат и системи за деарсенификација на водата, кое е познато и применето во науката. Треба да се знае, водата е основен ресурс за живот и за нејзино обезбедување треба квалитетни модерни зафати, рече Стојанов.
АРСЕНА најави дека ќе ги продолжи граѓанските активности за поголем притисок врз надлежните за обезбедување чиста вода на гевгеличани, а документарниот филм е еден од начините за допирање до јавноста за се’ уште присутниот проблем – отровниот арсен во гевгелиската вода.
Проектот „Здрава вода за пиење за Гевгелија и населените места“ се реализира во рамки нa Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијaта Отворено општество – Македонија.