Кошаркарските селекции на Србија и на Хрватска се десеттата и единаесеттата кои изборија пласман на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, откако во саботата во последните дуели станаа победници на турнирите во Белград, односно Торино.
Србија во финалето на квалификацискиот турнир во Белград убедливо го совлада Порторико со 108-77 (60-27). Уште во првата четвртина домашната селекција оствари уверлива предност од 30 кошеви разлика (30-7), па остатокот од мечот беше само формалност.
Богдан Богдановиќ постигна 26 поени за Србија, а го следеше Никола Јокиќ со 23, додека Хуан Хозе Бареа со 22 кошеви беше најдобар кај Порторико.
Доцна вечерта во саботата во Торино, хрватската селекција направи своевиден подвиг и на продолженија ја совлада домашната Италија со 84-78. Мечот во кој двете екипи речиси цело време беа тесна предност, но повеќе Хрватска, го реши продолжувањето кое гостите го добија со 14-8.
Во неизвесниот натпревар во кој Италија влезе како фаворит имајќи ја предвид неодамнешната победа над истиот противник, најпрецизен кај Хрватска беше Бојан Богдановиќ со 26 кошеви, а Крунослав Симон со 21 поен речиси сите во второто полувреме, а за одбележување е и играта на Дарио Шариќ кој покрај 18 поени забележа и 13 скокови. Кај Италијанците, кои покажаа особена нервоза во нападот, светла точка беше Марко Белинели со 18 поени.
Покрај Хрватска и Србија, на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Рио де Жанерио, од 5-ти до 21-ви август, се пласираа домаќинот Бразил, САД, Шпанија, Литванија, Кина, Аргентина, Венецуела, Нигерија и Австралија, додека последниот патник ќе биде познат во неделата по мечот меѓу Канада и Франција со кој ќе заврши квалификацискиот турнир во Манила.