Командантот на специјалната единица „Алфи“, Ивица Антевски, викан Пуки, и уште петмина осомничени за нечовечкото апсење на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски во 2011 година, денеска треба да дојдат на распит во Основниот суд Скопје 1.
Тие се обвинети во случајот „Тортура“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, а првоосомничен во овој случај е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување, Сашо Мијалков.
Единствено за него СЈО не бара притвор или други мерки за претпазливост со образложение дека не постои опасност од бегство, а за другите шестмина осомничени кои се вработени во Министерството за внатрешни работи поднесен е предлог за определување мерка на претпазливост, забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Како што соопшти СЈО, апсењето на Бошкоски го водел Мијалков, а Антевски издал наредба за начинот и реализацијата на апсењето. Другите припадници на специјалната единица употребиле прекумерна сила при апсењето на Бошкоски.
Лидерот на Обединети за Македонија беше уапсен за нелегално финансирање на изборна кампања и беше фатен како од одредено лице зема пари за финанасирање на неговата кампања.
За овој случај Бошкоски беше осуден на пет години затвор, кој веќе ги одлежа и сега е на слобода.