Деновиве во Шибеник, Хрватска, се одржа свечено годишно собрание на невладината граѓанска организација „Хрватско-македонска тангента“.
Покрај членовите на управниот одбор и собранието, присустваше и поранешниот хрватски претседател и сегашен лидер на партијата Напред Хрватска, Иво Јосиповиќ, кој е и почесен член на „Тангентата“.
– Со „Хрватско-македонска тангента“ блиско соработував и во текот на мојот претседателски мандат. Поддржувајќи ги нејзините активности и акции на доближување на македонскиот и хрватскиот народ и држави. Живееме на простор каде судирие, непријателствата и омразата се многу чести појави. А „Тангентата“ работи сосема спротивно – на ширење на солидарност, меѓусебно почитување, љубов и разбирање. Иако немаме заедничка граница Македонија и Хрватска се соседи во духовна смисла – истакна во своето обраќање Јосиповиќ.
Тој посочи дека за време на неговиот мандат опонентите го критикувале дека премногу гледал во соседите, при тоа давајќи објаснение дека соседството е многу важно за секоја држава.
– Точно е дека Македонија има големи проблеми, а нив мора да ги решат самите Македонци – додаде Јосиповиќ.
Поздравни пораки за собранието упатија хрватската амбасадорка во РМ, Данијела Баришиќ, нејзинот претходник проф. д-р Златко Крамариќ и поранешниот македонски амбасадор во Загреб, д-р Данчо Марковски.