Британскиот премиер, Дејвид Камерон во своето прво обраќање во парламентот по Брегзит, кажа дека Лондон „засега“ не планира официјално да побара излегување од Европската унија.
Тој рече дека резултатите од референдумот, на кој Британците гласаа за излегување од ЕУ, не се исход кој е најдобар за Велика Британија.
Сепак, според него, не постои сомнеж во добиените резултати.
-Останувам на моето предупредување кое се однесува за напуштањето на ЕУ, но одлуката на граѓаните мора да биде испочитувана на најдобар можен начин, а процесот на имплементација на одлуката ќе мора да почне, кажа Камерон.
Според него, постои фундаментална одговорност земјата да се обедини, како и да се спротивстави на говорот на омраза кој последниве денови е упатен кон мигрантите и странците во Велика Британија.
-Британија ја напушта Европската унија, но не смееме да и свртиме грб на ЕУ или на остатокот на светот. Преговорите ќе бараат јака, одлучна и посветена битка, рече тој.
Според она што го кажа, тој не ја донел лесно одлуката за напуштање на премиерската позиција, но додаде дека тоа го направил во интерес на нацијата.