Чешкиот претседател Милош Земан, во врска со спорот за промени во структурата на полицијата ја повика коалициската влада да се задржи на власт до парламентарните избори следната година, јави дописникот на МИА од Прага.
Според портпаролот на Земан, Јиржи Овчачек, во врска со реорганизацијата на полицијата, каде се планира и обновување на финансиската полиција, Земан разговарал со министерот за внатрешни работи Милан Хованец и министерот за финансии Андреј Бабиш и во улога на ,,модератор” ќе се обиде да ја смири политичката сцена.
– Претседателот, го повика Андреј Бабиш, движењето АНО да не ја напушта владината коалиција затоа што тоа би довело до политичка нестабилнист. Сите коалициски партии би требало да почекаат на изборите во 2017 година, рече Овчачек.
Премиерот Бохуслав Соботка, на барање на директорот на полицијата Томаш Тухи синоќа одржа седница на Советот за безбедност на која се разговараше за реорганизацијата. Министерот Хованец, повтори дека измените во полицијата не треба да бидат политизирани.