Судот во Претрија почна расправа за да му се определи казна на јужноафриканскиот спортист и параолимпиец Оскар Писториус, за убиството на неговата девојка Рева Стенкамп.
Некогашниот спортски херој на Јужна Африка, се соочува со можноста да добие казна затвор од 15 години, која би била намалена за времето што Писториус досега го има поминато во затвор и во домашен притвор.
Во првата расправа, сведокот на одбраната, психологот Џонатан Шолц изјави дека не би било добро, а ниту би бил постигнат вистинскиот ефект, доколку Писториус биде оставен во затворска ќелија на подолг рок.
Шолц смета дека Писториус е „скршен човек“, дека се наоѓа во „тешка депресија“ и страда од пост-трауматски стрес. Психологот објасни дека Писториус кој порано има собирано разно оружје, сега се плаши од него и во меѓувреме го продал сето свое оружје.
Во февруари 2013 година, Писториус ја уби својата девојка, пукајќи од неговиот пиштол низ затворената врата на бањата во куќата на спортистот.
Писториус и сега и претходно тврди дека пукал мислејќи дека во бањата се крие провалник.
На првото судење, тој беше осуден на пет години затвор, за ненамерно убиство. Но во декември минатата година, Врховниот суд го оквалификува случајот на Писториус како убиство, аргументирајќи дека е сосема неважно што обвинетиот мислел кој се наоѓа во бањата.
Оскар Писториус е првиот атлетичар со двете ампутирани нозе кој трчаше и на Олимпијадата во Лондон, во 2012 година.