Од 3 до 31 јули на пет плажи во Македонија започнува платформата „We ran Macedonia“ преку летната серија трки во трчање на пет километри во организација на „Прв до врв“.
Летната лига во трчање започнува на 3 јули во Скопје, а потоа следуваат трките во Претор на 10 јули, Дојран на 17 јули, Маврово на 24 јули и завршната трка во Охрид на 31 јули.
Во трките, кои се дел од серијата Beach Run 2016, може да учествуваат сите кои го сакаат трчањето и тоа на сите, неколку или на една трка. Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број бодови според кои се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање на 5 километри.
За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд од 1.000 евра и врвна спортска опрема за трчање.
Пријавувањето за учество во Beach Run 2016 е преку веб страницата на www.prvdovrv.mk.
Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа. Серијата Beach Run го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди. Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија.