Општина Центар посветено делува кон остварување на стремежот да бидеме еколошка општина која на своите жители ќе им понуди оптимални услови за здрав и исполнет живот.
Центар го почнува вториот дел од истражувањето за проектот “Вело Центар 2025“ кој ќе биде спроведен со помош на мобилната апликација Strava. Мобилната апликација ги анализира некои од следниве параметри: должина на патувања; просечна брзина на различни улици; места и време на застој во движењето; најчести дестинации и најпреферирани улици за движење на велосипед; состојба и потреба од паркинг итн. Конечните резултати од користењето на апликацијата, се презентираат преку прецизни и разбирливи т.н heat мапи, како онаа на градот Њујорк. Овие параметри, заедно со резултатите од претходната web анкета ќе се користат за утврдување на најзначајните велосипедски рути, односно за нивно подобрување. Така, земајќи ги во предвид податоците од истражувањето, општина Центар веќе наредната година ќе започне со подобрување на постоечката патна инфраструктура и градење на нови велосипедски патеки,соопштуваат од општина Центар.
Првиот дел од студијата се состоеше од web анкета со која беа опфатени 895 испитаници. Целта на истражувањето беше да се обезбедат податоци од граѓаните и нивното секојдневно искуство од движењето низ градот, за проблемите со кои се соочуваат додека користат велосипед како транспорт, со крајна цел подобрување на условите за возење на велосипед и подобрување на самата велосипедска.
Со овој проект, Центар ќе стане првата општина во Македонија која преку научна студија ќе ја дизајнира велосипедската инфраструктура на својата територија. Студијата е започната по сугестија на граѓаните, а во соработка со проефесори од Архитектонскиот факултет.
Студијата покажа дека високи 96,7 % од корисниците на велосипеди минуваат низ општина Центар. Токму затоа од уште поголема важност ни е создавањето на велосипедска инфраструктура по мерка на граѓаните. А, како дополнителна мотивација за учество и благодарност за користење на велосипед како превозно средство, Центар ќе додели и награди на најпосветени корисници на мобилната апликација Strava. Наградите, во износ од 12 илјади денари, ќе се доделат на оние тројца учесници кои во периодот во кој се вршат следењата и мерењата ќе бидат највисоко рангирани и ќе остварат најголем број поени кои се доделуваат врз основа на неколку фактори: континуитет на возење – број на денови со остварена активност; вкупен број на поминати километри; вкупен број на возења и приклучувања на Strava за патувања над 5 минути. Ќе се вреднуваат само оние патувања кои се направени со цел превоз и барем во дел ќе минуваат низ Центар, информираат од општината.
Информации за приклучувањето на Strava
-Како да инсталирате Strava?
Доколку поседувате паметен телефон и сакате да учествувате во истражувањето, во Play Store (Android) или AppStore (Iphone) побарајте ја апликацијата Strava Running and Cycling. Инсталирајте ја и креирајте ваш кориснички профил. Заследете го профилот https://www.strava.com/athletes/Velocentar и ќе бидете заследени назад.
-Што е вашата задача: Да вклучувате Record activity на Strava секогаш кога ќе го користите велосипедот како превоз во периодот на истражувањето. На крајот на активноста треба да направите Save activity и да изберете cycling.
Заштита на приватноста:
За потребите на истражувањето, експерт за геоинформациски системи (ГИС) ќе ги симне рутите од Strava од сите учесници и ќе направи збирни анализи од сите рути заедно.
Секој учесник во истражувањето, во рамки на прилагодувањата на апликацијата може да одбере кои активности ќе ги сподели, а кои ќе останат приватни.
Исто така, Strava дава можност да креирате периметар на приватност околу било која адреса како вашиот дом, работа или било кое место кое не сакате да го споделите. Сепак, имајте предвид дека за истражувањето се особено битни дестинациите како работа, факултет, пазар, излегување, поради анализирање на потребата од паркирање велосипеди итн. Како што беше споменато, најчестите рути и дестинации ќе бидат збирно анализирани.
Исто така, може да го направите активностите на вашиот профил да бидат видливи само за одредени Strava членови, како на пример, само за профилот Velo Centar. Може и да користите иницијал место презиме.
Може да направите такво прилагодување што за да ве заследи некој, ќе мора да добие дозвола од вас. Strava дозволува и секоја активност поединечно да се направи приватна.
Контакт:
За било какви прашања, можете да се обратите на контактот за ова истражување: [email protected]