Фестивалот на Франкофонијата по шестти пат се одржува во Созопол, Бугарија, денеска ќе помине во знакот на македонската култура.
Во 14 часот во просториите на Советот на Општина Созопол, директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Софија Васко Шутаров заедно со неколкумина професори од Софискиот универзитет ќе одржат предавање за дипломатскиот протокол.
Во вечерните часови, во Археолошкиот музеј на Созопол, ќе биде отворена ликовната изложба „Конекција 2″, на која ќе бидат претставени дела на македонски ликовни уметници кои живеат, работат или студираат во Бугарија.
Годинава, специјално за Фестивалот авторите подготвија дела со француска тематика. Ќе се претстават дела од уметниците Перица Иванов, Зоран Мише, Горан Тричковски, Иво Пецов, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Јана Луловска, Слободан Милошески, Адриана Јованоска, Ице Огненовски, Иван Стоименов, Јовица Миленов и Мирјана Иванова.
Во истиот простор во 20 часот, концерт за виолина и пијано ќе одржат Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова-Христова. На програмата ќе бидат исполнети дела од Јоханес Брамс, Лудвиг Ван Бетовен, Камиј Сен Санс и Јожен Изаи.
Во рамките на Фестивалот на Франкофонијата „Солеј” во Созопол, се одржува и меѓународна ликовна колонија на која за прв пат учествуваат и македонски ликовни уметници. Свои дела инспирирани од поднебјето на Созопол, утре во претпладневните часови ќе изложуваат Мирјана Крстева-Масети, Андријана Манциев, Иво Пецов и Марјан Ѕингаров.
На фестивалската програма освен нашата култура, беа претставени денови на културата на Франција, Белгија, Романија, Грузија, Мароко, Либан, Турција и домаќинот Бугарија.